Охрид/Скопје, 22. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денеска, според календарот на Обединетите нации, на планетата земја се одбележува Светскиот ден на водите.
За да може да се справи општеството со кризата за вода и да го овозможи правото на вода, Обединетите нации го признаа правото на вода како елементарно човеково право за обезбедување чиста и здрава вода за пиење.
Со повеќе манифестации, Денот ќе биде одбележан и кај нас.
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) организира конференција на тема „Водата и отпадните води“. Ќе се обратат министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети, раководителот на Одделот за оперативни работи во Делегацијата на ЕУ Мауро Ди Вероли и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Димитар Петров.
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) предвидува атрактивно нуркање во водите на езерото Матка од страна на членови на Нуркачкото друштво „Врело“ и хидрометриски мерења на реката Треска, додека Институтот за јавно здравје, најави „Саем на вода” пред Домот на АРМ.
Американската Амбасада, организира тркалезна маса на која ќе се говори за Дримскиот Процес/Проект и за заштитата на Охридско Езеро.
Водата е основата за постоењето на живот на планетата Земја, а чистата вода за пиење и за одржување на хигиената е неопходна за одржување на животот и здравјето на целиот жив свет.
Сепак, правото на вода не е еднакво достапно за секого. Приближно 900 милиони луѓе во светот немаат пристап до чиста и здрава вода за пиење, додека 2,5 милијарди луѓе немаат нормални услови за одржување на својата хигиена.
До средината на овој век дури седум милијарди луѓе ќе бидат соочени со недостиг на вода бидејќи бројот на жители на Земјата расте, а водените ресурси се намалуваат – алармираат експертите.
Помалку од 1% од водата на земјата е употреблива за пиење. Како што расте бројот на населението во светот, се зголемуваат и потребите од вода за пиење.
До 2025 година две третини од човештвото ќе почувствува сериозен недостиг на вода, предупредуваат експертите од Обединетите Нации.
Според најцрните прогнози се приближуваме до периодот кога ќе се војува поради питка вода бидејќи дури над една милијарда луѓе нема пристап до здрава вода за пиење, 2.5 милијарди немаат соодветен водовод и канализација, а секоја година поради недостиг на вода умираат 1,6 милиони луѓе. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива