март 22, 2017

Скопје, 22. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Народната банка на Република Македонија во континуитет реализира проекти во насока на повисок степен на дигитализација на македонското општество.

Во тие рамки, Народната банка реализира проект за електронско банкарство за извршување на платниот промет со странство за потребите на државата и државните органи. Целта на проектот е зголемување на квалитетот и ефикасноста на услугите, како и заштеда на време, човечки и материјални ресурси кај државните институции.

– За промоција и запознавање со предностите на електронското банкарство, во изминатиот период во рамки на Народната банка беа организирани презентации, на коишто присуствуваа околу 260 претставници од над 90 државни институции од централната и локалната власт. Учесниците на презентациите беа запознаени со функционалностите на системот кој овозможува побрз проток на документи и информации преку електронско доставување на налози за плаќање кон странство, електронско известување за пристигнати приливи, како и електронско доставување на барања за подигање и враќање на готовина, велат од Народна банка.

Новата услуга на Народната банка ќе биде достапна од април годинава, а истата нуди и поповолни надоместоци за електронски доставените налози во однос на хартиените налози.

Со реализацијата на овој проект, Народната банка ја потврдува заложбата за дигитализација на домашната економија како стратешка определба на Република Македонија за приближување кон Европската Унија во оваа област. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука