Охрид, 23. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на минатата 2016 година 22 семејства ги користеле услугите на советувалиштето за брак и семејство.
Од септември 2013 година и Охрид доби вакво советувалиште кое е основано во рамки на Центарот за социјална работа.
Функционира како еден вид на организирана професионална поддршка и помош на граѓаните на Охрид кои имаат тешкотии во доменот на индивидуалниот, брачниот и семејниот живот.
Советувалиштето се занимава си советодавна стручна работа, превентивни активности, информативно – едукативна работа.
Целна група е популацијата во ризик, а проблематиката се индивидуални, родителски и семејни проблеми, истакна Жанета Никовска Стојковска, дипломиран психолог во советувалиштето за брак и семејство.
– Принципите на работа се доброволност на доаѓањето, загарантирана дискреција и тајност на податоците до кои се доаѓа во текот на терапевтската работа, како и почитување на етичкиот кодекс на струката. Клиентите можат да закажуваат лично или да се упатени кај нас од друг оддел во Центарот за социјална работа, вели Никовска Стојковска.
Таа потенцира дека услугите на советувалиштето се бесплатни, а сесиите се реализираат во соодветна просторија, со што е олеснета работата со странките.
– Најчести проблеми поради кои се обраќаат клиентите се брачни и партнерски кризи, индивидуални проблеми, тешкотии во родителската функција, конфликти во процесот на развод на бракот и после разводот, како и семејни кризи и партнерско насилство, рече Никовска Стојковска.
Од кога е формирано советувалиштето, бројот на клиенти кои побарале помош расте. Во 2014 година, во советувалиштето се обратиле 6 семејства. Веќе следната година бројката пораснала на 26, а минатата година советодавни услуги користеле 22 семејства. Во целиот период на постоење, советувалиштето реализирало околу 500 сесии.
Меѓу ефектите кои се постигнуваат од посетата на сесиите се развивање на вештини за здрави односи со партнерот во бракот и одржување на пристојна меѓучовечка комуникација, зајакнување на личните капацитети на брачните партнери со цел да се справат со проблемите во бракот, зајакнување на силните страни на семејствата, подобрување на позитивни родителски вештини.
Тука секако мора се споменат и значителното зголемување на позитивните комуникации во семејството, како и реструктуирање – процес на менување на семејството и на интеракциите кои се директно поврзани со проблемот и подобрување на кохезијата во семејството.
Психологот Никовска Стојковска потенцира дека за секое семејство се креира индивидуален пристап, така што не можат да се генерализираат ефектите од користењето на услугите во советувалиштето. Но, во секој случај се позитивни.
Во склоп на советувалиштето за брак и семејство, работи едукативниот центар за родители, којшто го посетуваат родителите кои сакаат подобро да се едуцираат за вештините за успешно родителство, како и родителите кои се соочуваат со одредени развојни проблеми кај своите деца. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес