март 23, 2017

Охрид, 23. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓанката Марија Лебедик е внука на Никола Исаија Чудов.

Супер радио и OhridPress, објавуваат сторија во два дела за охридскиот книжевник и позната историска личност, Никола Чудов, кој е заслужен за засадувањето на дрвото кочеџик, кое се наоѓа во дворот на црквата Света Богородица Перивлепта.

Семејствата Лебедик и Анѓелкоски како потомци на Чудов сакаат во Охрид да се врати едно од културните обележја, плочата во чест на засадувањето на дрвото кочеџик во дворот на црквата Богородица Перивлепта. Плочата била поставена во 1986 година, по повод 1.100 годишнината од смртта на Свети Методиј, а не Свети Климент, како што се знае во охридската јавност.

– Со целосна почит кон ликот и делото и на Свети Климент и на Григор Прличев, ние нè негираме за што сè се заслужни овие две маркантни истористи личност за Охрид, Македонија и пошироко, но конкретно за ова спомен обележје треба да се знае вистината, истакнуваат од семејството потомци на Чудов.

Лебедик чувствува силен порив и нескриена желба, како директен потомок на Чудов, охридската јавност да знае за неговите заслуги.

– Секоја чест за Григор Прличев, тој направил многу нешта, заслужен е за многу работи, но не е личноста која го засадила дрвото кочеџик во дворот на црквата Света Богородица Перивлепта. Зошто да се шири една невистина. Григор Прличев си е заслужен за други работи. Тоа нам како семејство, нѝ падна малку тешко кога слушнавме како во јавноста се рашири погрешно толкување, кажува Лебедик.

Марија раскажува дека како директен потомок на Никола Чудов, посебно тешко го поднела фактот дека охриѓани не ја знаат вистината за нејзиниот дедо, а уште повеќе кога пред десетина години немало никаква реакција кога била украдена плочата, со изгравиран дел од песната посветена на Свети Методиј. Ќерката на Чудов, имено мајка на Марија, била мала кога починал нејзиниот татко, па не можела да пренесе многу сеќавања. Она што, по кажувањата од други нејзини роднини, го знае за дедо ѝ Никола, е дека, како и секој родител, бил грижлив, посебно бидејќи имал седум деца и сакал на сите да им посвети внимание и да ги извади на вистинскиот пат.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Бакарната плоча пред да биде украдена

– Порано повеќето фамилии имале повеќе деца. Кон дедо ми Никола, мајка ми и нејзините браќа и сестри имале голема почит. Секогаш кога ќе се собереле на маса за ручек или вечера, додека тој не почнел да јаде, ниедно од децата не почнувало. Мајка ми малку ми има кажувано, но сепак се сеќаваше на некои случки. Еднаш, децата биле многу гладни, па сите собрани седеле на масата и чекале. Дедо ми намерно не ставал ни залак во уста, да види дали некое од децата ќе посегне да јаде. Започнал со муабет. Вујко ми, најстариот, го чувал лепчето в раце и нетрпеливо чекал кога ќе може да почне да јаде. Од најстариот син на дедо ми, до најмалото дете, имало разлика околу 20 години. За тоа време, сите деца на Чудов биле образовани, колку што дозволувале условите. Претпоследната сестра, завршила тогашно ниво на образование, шести клас гимназија. За тоа време, тоа било највисокото образование во Охрид, посебно за женско дете, кое можело да се стекне, раскажува низ емоции Лебедик.

Образованието на децата на Чудов се одвивало низ прекини, додава Лебедик, затоа што било тешко време. Најмалиот вујко матурирал и заминал на факултет, додека најстариот заминал во Русија, каде студирал музика. Останатите женски деца завршиле до пола матура. Во споредба со други фамилии, чии женски деца имале само завршено четврто одделение, пола матурата се сметала за релативно добро образование.

Тефтерот на Никола Чудов, како што објаснува Марија Лебедик, бил пронајден доцна, во куќата на нејзината мајка. Куќата била во населбата Варош. Терфтерот бил некаде заборавен, па ни самата ќерка не знаела дека постои.

– Има забележани некои творби, спомени. Има една стара фотографија, на која е фотографиран дел од влезот во црквата Света Богородица Перивлепта, на која е некој наш пра-предок од 14-от век. Тој бил свештеник, и има малку податоци, кои кажуваат дека бил роднина со Марко Крале. Немаме многу податоци за него. Потоа во тефтерот има и некои запишани афоризми од дедо ми, па има забелешки за оние кои биле членови на тогашното друштво за писатели „Свети Климент“. Тие биле сите помлади од Григор Прличев, тој во тој период бил старец, затоа од самите овие записи веднаш на човека ќе му стане јасно дека Прличев не е оној кој го засадил дрвото коџечик. Дедо ми си запишувал кога биле родени сите негови деца, по нешто за нивниот живот, издвојува од своите спомени Лебедик.

Лебедик ги знае стиховите од повеќето песни кои ги пишувал нејзиниот дедо.

– Куќата на мајка ми се наоѓа во населбата Варош. Во тоа време, било многу страшно некој да се произнесел за самостојна Македонија. Тука имаше една варница. А, мојот братучед, тука ги закопал некои документи, кои дедо ми ги чувал. Тие записи на дедо ми, му ги дал Никола Петров Русински. Околу некои други кажувања, наводно горе на Свети Климент, имало гроб на Григор Прличев. Позади црквата има неколку гробови, но дали се на некои владици, не знам. Се мислам, дека и тој гроб за кој велат дека, наводно бил на Григор Прличев, не е негов, туку на син му, Кирил Прличев. Јас лично се сеќавам на Кирил Прличев. Тој беше низок човек, додава Лебедик.
Таа се надева дека јавноста во Охрид е подготвена да ја прифати вистината, која од немарност не била кажувана досега за коџечикот и плочата, како културно историско обележје на градот.

Во однос на оваа сторија на Марија Лебедик, се поклопуваат во најголем процент и историските податоци, кои стојат како зачувани записи.

drvo i ploca

Според историските податоци, охриѓанецот Никола Исаија Чудов, како член на друштвото „Свети Климент“, имал удел во симболичното засадување на дрвото кочеџик по повод 1000 годишнината од смртта на Свети Методиј.

– По повод 1000 годишнината од смртта на Свети Методиј, на 6 април, (по стар календар), во 1886 година, друштвото „Свети Климент“ организирале чествување на јубилејот. По тој повод во дворот на училиштето и црквата Свети Климент, било засадено спомен дрво, коџечик. Дрвото, охриѓани го почитувале, го нарекувале Свето Методиево, или Свето дрво. За неговото засадување, Никола Исаија Чудов напишал песна, која претставува еден вид благослов, кажува Горан Митрески, кустос историчар во НУ Завод и музеј Охрид.

goranmitreski

Горан Митрески – кустос историчар

Во повеќе историски книги можат да се најдат стихови од оваа песна. Песната на Чудов, според извор на проф. Стојан Ристески, завршува со делот:

„Пушти лисја, гранки широки,
дебела крошна висока,
децата под тебе ќе трчаат,
да скокаат и книга да учат. “

Додека, извори на семејството, ја имаат зачувано следната верзија на песната:

„Брзо расти расти
Шири и зеленеј
Распушти лисја, шири
голема крошна
И расти високо
Децата под тебе
Често да играат и книги да учат”

Во записите кои се зачувани, а говорат за биографијата на Чудов, стојат следните податоци: Никола Исаија (или во некои записи – Исаиов) Чудов, е роден околу 1865 година, а починал во 1907 година. Завршил три класа гимназија и станал учител. Учителствувал во повеќе места, а некое време работел и како писар во Митрополијата. Пишувал поезија, а меѓу другото, ја испеал и познатата песна за Христо Узунов, која денес е обнародена и се пее како народна песна. Бил низок човек, со едната нога малку поткуцнувал.

Во ноември, 1986 година, по повод прославата на одбележувањето на 1 100 годишнината од раѓањето на Свети Климент во Охрид, пред кочеџикот била откриена спомен плоча, а целиот локалитет партерно е уреден, по идеја на архитектот Ѓорги Хаџиев. Текстот на плочата го одбрал кустосот во НУ Завод и Музеј, сега покоен, Никола Целакоски. Во 2006 година, плочата, која е изработена од бакар, била откорната, украдена и ѝ се изгубила секаква трага.

reseniezaplocakodzecik

Решението од 1986 година со кое дрвото кочеџик е ставено во својство на споменик на културата

– Бил изготвен елаборат и е потврдено својството на кочеџикот за споменик на културата, кое за такво е прогласено во 1986 година. Тоа има категорија од особено значење, под категорија од исклучително значење, со терминологиите кои ги користиме според законот. Изворот на овие податоци се од книги на проф. Стојан Ристески, тој најмногу ги има обработено овие податоци. Има податоци и од други историчари, но проф. Ристески најдлабоко навлегол во оваа проблематика, додава кустос историчар Митрески.

Околу историјатот и почетоците на Друштвото „Свети Климент“, има податоци дека тоа било формирано во почетокот на 1872 година. Тогаш во Охрид било отворено Охридското читалиште, кое се смета дека го отворил Григор Прличев. Друштвото во 1885 година било преименувано во Ученичко просветно друштво, но не било ученичко, туку имало просветно, благотворно – национален карактер. Било формирано за време на летниот осмор, по иницијатива на учителите Никола Пасков, Јаким Деребанов, Аргир Маринов – Маринче, Атанас и Христо Маџарови, зардно со штотуку завршените ученици од Солунската гимназија. Учениците биле: Андон Кецкаров, Иван Лимончев и Лев Огненов, заедно со сограѓаните: Климент Заров, Климент Шуканов и Климент Малезанов, а се придружиле и други млади луѓе и ученици.

– На Илинден, 20 јули, по стариот стил, односно на 2 август 1886 година во куќата на Климент Заров кај Горна Порта, дел од членовите на ученичкото просветно друштво „Свети Климент“ и тоа: Климент Заров, Климент Шуканов, Никола Чудов, Јаким Деребанов, Атанас и Христо Маџарови, формирале Таен револуционерен кружок, пред Евангелие, крст и сабја и ја дале следната заклетва: „Се заколнувам во името на Бога, Свети Климент, народот и во сѐ најмило дека од денес натаму ќе работам со сите свои сили за доброто на нашиот народ, преку просвета. Ако ја изневерам заклетвата, да бидам убиен од моите другари“, пренесува историчар кустос Митрески.

Во 1887 година друштвото ја отпечатило картата на град Охрид, со езерото, а од десната страна биле претставени сите видови на риби кои живеат во езерото. Оваа карта била отпечатена во 10 000 примероци и се продавала низ Романија, Бугарија и Русија, а средствата се користеле за просветни цели.

(Утре Супер радио ќе ја објави сторијата на Евгенија Анѓелкоска, четврта генерација потомок на охриѓанецот Никола Чудов, како и за иницијативата, која ја покренува нејзиното семејство). (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/Анѓелкоска

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука