Охрид, 24. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со исклучување на осветлувањето на одредени локации во Скопје и Охрид годинава по осми пат Македонија ќе се вклучи во одбележувањето на големата светска еколошка акција „Час на планетата Земја“.
Осветлувањето во Македонија ќе биде исклучено утре во 20:30 часот по локално време во период од еден час кога во мрак ќе бидат над 178 земји и 7.000 градови во светот.
Организаторот на овој настан во Македонија информираат дека поради актуелната ситуација во државата годинава ќе бидат исклучени само одредени локации во Скопје и Охрид.
Во Охрид, во мрак ќе бидат црквата Свети Јован Канео и Самоиловите тврдини.
И оваа година, Македонија има свое место во глобалната видео реклама која се користи за светска промоција на акцијата, а вметнатиот инсерт од исклучувањето на плоштадот во Скопје може да се види во 00:26 секунда. Со симболичното исклучување на осветлувањето, милиони луѓе ширум светот ќе испратат порака за спас на планетата Земја. Оваа година во Македонија под мотото „Заблескај светлина на климатските промени“, кампањата се фокусира на сериозноста на проблемот поврзан со забрзаното менување на климата, но и ја промовира идејата дека сите ја имаме моќта да направиме промена, односно обединети да ги промениме климатските промени.
Во ОУ „Христо Узунов“ во Охрид денес се одржа креативна работилица по повод овој настан. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива