март 24, 2017

Охрид, 24. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Судската служба почнува со нова серија на активности и останува на своите барања за зголемување на платите, рече Борче Мирчевски, претседател на Здружението на судска администрација на Република Македонија.

Нееднаквиот третман од страна на судската и извршната власт кон судските службеници, како и неопходноста од измена на Законот за судска служба се повторува. Интензивните преговори минатата година со Министеството за правда и со Судскиот совет на Република Македонија, не вродиле со плод судската служба да влезе во оној пакет на зголемување на платите, додаваат од судската служба. Минатата година во повеќе наврати имаше штрајкови, а судската служба се обидела и преку мирни институционални обиди да ги постигне своите цели.

– Иако сите закони кои што го регулираат зголемувањето на платите во судската власт: јавните обвинители, јавно обвинителните службеници и судиите, беа изменети пред 31 декември 2015 година. Единствено беше изоставена судската служба. Минатата година, од тие причини ние започнавме преговори со сите релевантни фактори, да дојдеме до позиција да се измени Законот за судска служба и судските службеници да не бидат единствената карика, која не подлежи на овие измени на Законот за судска служба. Со оглед дека не најдовме разбирање, крајниот ефект беше штрајк, кој траеше од 18 мај до 15 јули, прецизира Мирчевски.

Како што додава Мирчевски, заради одморите, штрајкот бил ставен во мирување и заради политичката ситуација во државата. Во меѓувреме се сопрела постапката за зголемување на платите, што не била целта на Здружението на судска администрација на Република Македонија. На крајот, не само што не биле удоволени барањата на судската служба, туку, сите кои учествувале во штрајкот, биле казнети со 40% намалување на платата за два месеци.

– Она што сега се случува, е истата приказна од минатата година, повторно обвинителите и обвинителните службеници добиваат зголемување на платите, судиите и тиа да добијат плата а повторно судската служба е онаа која во тоа изостанува. Иако со штрајкот ние баравме да се измени Законот за судска служба, дури извршната власт не најде за потреба да го смени законот во тој дел, значи да нè изедначи со останатите, дополнува Мирчевски.

Во најава е активно преземање на дејствија, како што велат од судската служба, кои остануваат на истото барање. Доколку не дојде до договор со релевантните фактори, од судската служба најавуваат порадикални мерки, протести и штрајкови.

– Во тек се состаноци во сите подружници на судовите во Република Македонија. На тие состаноци ќе донесеме одлука и за рокот кој го даваме за институционално решавање на нашите барања. Првично ќе се обидеме да седнеме на маса да издејствуваме преговори, да дојдеме до некакво решение, посочува Мирчевски.

Тој дополнува дека и покрај штрајковите минатата година се обиделе граѓаните да имаат што е можно помалку штета во однос на непреченото работење на судовите. Судската служба годинава ќе го бојктира Денот на правосудството, кој се одбележува на 31 март. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука