март 24, 2017

Скопје, 24. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во понеделник, 27 мартво Македонската опера и балет, од 20 часот ќе има свечено отворање на настанот „Апокалиптикум“.

Станува збор за концерт на Драган Даутовски, во придружба на Ратко Даутовски – удиралки.

– Музичкиот проект „Апокалиптикум“ претставува звучно патешествие до суштината на она што го нарекуваме музика. До нејзината божествена и животворна енергија која го следи еволутивниот развој на човештвото од самиот почеток на неговото пра-раѓање и ќе го следи до самиот залез на неговиот опстанок. „Апокалиптикум“ ја носи пораката: Човекот треба најпрвин да е во хармонија со самиот себе, со припадниците на својот род и се што го слави животот, за потоа преку дадената можност (живот) да ужива во божествената хармонија на просторот – космосот, вели Драган Даутовски.

Даутовски е музичар со огромно искуство на полето на фолклорот и традиционалната музика, кој владее повеќе од 20 различни музички инструменти. Тој е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде предава фолклор и традиционални инструменти и е член на ICTM (International Council for Traditional Music).

Во текот на плодната четиридецениска уметничка кариера, Даутовски предводел повеќе групи и ансамбли со кои настапувал на домашната и на меѓународната сцена. Даутовски е автор на голем број дела за инструментални и вокални солисти, групи и оркестри. Во 1992 година го формира традиционалниот ансамбл „Миле Коларовски” со кој настапува на повеќе концерти во Македонија и во странство и реализира бројни снимки за МРТ. По успехот со овој ансамбл и неговото учество во филмот „Пред дождот” на Милчо Манчевски, Даутовски во 1995 година го формира ДД Синтезис, а во 2000 година и Драган Даутовски Квартет. Со овие ансамбли настапува на голем број светски музички фестивали во Унгарија, Словенија, Австрија, Италија, Германија, Англија, Јапонија, Русија, Австралија, Израел, Белгија, Холандија и други земји.

За неговиот придонес во областа на традиционалната музика, Даутовски е добитник на посебното признание од УНЕСКО – „Melody for Dialogue among Civilizations“. Како уметник на УНЕСКО, тој во 2007 година настапи на концертот за 60-годишнината на организацијата во Хавана – Куба, како и на концертите на УНЕСКО во Нигерија, Африка.

Концертот „Апокалиптикум“ е реализиран со поддршка на Македонската опера и балет.

Влезниците за концертот чинат 400 денари и може да се набават од билетарницата на Македонската опера и балет или онлајн преку нивната веб-страна. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука