март 24, 2017

Охрид, 24. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Инфо ден за децата правобранители од Средното општинско стручно училиште „Свети Кирил и Методиј”.

Ова училиште седма година е вклучено во проектот за имплементација на Конвенцијата за правата на детето во Република Македонија, колку што трае и самиот проект. Учениците и професорите беа запознаени со сите активности кои се работеа досега, разни работилници и акции.

Изработивме пликоа со извадоци од Конвенцијата за правата на детето кои ги поделивме во училиштето, рече Весна Цветаноска, локален координатор на проектот за имплементација на Конвенцијата за правата на детето.

– Ова се нови деца правобранители кои ги избравме во месец септември. Нивниот мандат е две години. Сметавме дека овој период е погоден за тие да можат да се промовираат, вели Цветаноска.

Според неа, децата покажуваат интерес за оваа тема, но не доволно.

– Затоа сме тука ние како локални координатори и самите деца правобранители да работат на тоа поле. Учениците се повеќе се охрабруваат да пријават доколку постои некој проблем во училиштето од било кој аспект. Секако се обидуваме сето тоа да го решиме во разговор со педагошко – психолошката служба во училиштето, вели Цветаноска.

Проектот се одвива и во О.У “Братство и единство” каде има по тројца правобранители од сите паралелки, македонска, албанска и турска. Во текот на месец април и во ова училиште ќе се организира инфо ден.

Конвенцијата за правата на детето на Обединетите нации е договор за човековите права во којшто се утврдени граѓанските, политичките, економските, социјалните, здравствените и културните права на децата. Конвенцијата генерално го дефинира детето како секое човечко суштество кое не навршило осумнаесет години од животот, освен ако врз основа на законот на одредена земја полнолетството не се стекнува порано.

Нациите коишто ја ратификуваат оваа Конвенција се обврзани кон неа со меѓународното право. Комитетот за правата на детето при Обединетите нации којшто го сочинуваат членови од земјите низ светот надгледува дали Конвенцијата се почитува.

извор: ОхридПрес   фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука