март 24, 2017

Охрид, 24. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со премиерата на претставата “Аналфабет”, Охридскиот народен театар ќе го одбележи Светскиот ден на театарот – 27 март.

Комедијата е работена според текстот на Бранислав Нушиќ, под режисерската палка на Ѓорѓи Ризески.

Станува збор за многу интересна комедија, која присутните ќе ги остави без здив, истакна директорот на Народен театар Охрид, Горан Стојаноски.

– Се работи за едночинка на Нушиќ и можам да кажам дека претставата “Аналфабет” е една сериозна комедија. Со колегите Тодороски и Стаматовски во изминатиов период го доработувавме текстот и го ставивме во еден посовремен контекст, рече Стојаноски.

Режисерот Ѓорѓи Ризески подетално долови за што всушност се работи во претставата.

– Дејството го носат тројца малограѓани кои се затворени во канцеларија и на кои им е дадена моќ да управуваат со една околина и група луѓе. Поентата е тоа што тие апсолутни малограѓани кои се на позиција, на крајот ќе станат вечни.

teatar_ohrid_640x360

Идејата на Нушиќ кој го напишал текстот е тоа дека всушност, како што го конципиравме ние, темата е многу присутна на овие простори, истакна Ризески.

За костимите во претставата сае погрижи Ванчо Василев, за кого ова е прва соработка со охридскиот театар.

– Костимите не се баш типични за комедија, нема многу шаренило, боите кои се користат се многу неутрални, материјалите се употребени согласно карактрите на ликовите, рече Василев.

Во претставата “Аналфабет” играат: Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски и Елизабета Стефановска.

Претставата премиерно ќе се одигра во понеделник во Центарот за култура Григор Прличев со почеток во 20 часот, а репризата е следниот ден во истиот термин.

Со оглед на тоа што во претставата се користат пиротехнички средства, таа не е дозволена за деца под 14 години. (Крај)

извор: ОхридПрес   фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука