Вадуц, 25. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Најдобрата репрезентација на Македонија синоќа во Вадуц славеше со убедливи 0:3 над Лихтенштајн, во натпревар од петото коло од квалификациите за СП кое во 2018 година ќе се одржи во Русија.Стрелци на головите беа Николов и два пати Несторовски.
Македонија тргна офанзивно и првата закана дојде уште во 6-тата минута кога Пандев и Спировски убаво проиграа во противничкиот казнен простор, а силниот шут на нашиот капитен го одбрани домашниот голман Јехле.Нашите репрезентативци продолжија да вршат притисок креирајќи шанси за погодок, а наградата дојде на две минути пред паузата кога после една подолга акција, Тричковски асистираше, а Николов со убав волеј погоди за водство од 0:1.
Како поминуваа минутите притисокот на Македонија растеше и беше прашање на време кога ќе падне вториот гол. Се играше 68-та минута кога капитенот Пандев прекрасно асистираше за Несторовски, кој со максимално прецизен удар со глава ја удвои предноста на 0:2. Во 89-тата минута Несторовски беше фаулиран во 16-те метри и доби пенал, а се покажа непишаното правило да не шутира играчот над кој е направен пеналот. Несторовски биеше на средината на голот, а лесно одбрани Јехле.
Македонската селекција во Вадуц ја бодреа преку 500 наши навивачи и на крајот бодовите отидоа на наше конто, за прва победа на црвено-жолтите во овие квалификации. (Крај)
извор: Спорт ТА/ФФМ фото: ФФМ