март 25, 2017

Скопје/Охрид, 25. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во врска со трагичниот настан што се случи со починатото дете од кичевско по нападот од кучиња, и неколкуте последователни слични настани во Кичево, во охридско и последно во Скопје, 8 здруженија за заштита на животни реагираат: Да не се злоупотребуваат лични трагедии за уништување на животни.

– Невистинити податоци, дополнителна паника кои само го продлабочуваат проблемот – страотни се вестите дека е гризнато четиригодишно дете од куче, без при тоа да се провери веста и утврди реалната состојба – дека детето, во миг кога не го чувал никој, влегло во туѓ двор (дворот на соседите) и се приближило до врзаното соседско куче (куче чувар) и на тој начин било нападнато. Прашуваме, кој е тука крив?, велат од здруженијата.

Минатата седмица се случи стравотна загуба, од напад на кучиња кои имаа сопственик е нападнато и усмртено дете.

– Потресени сме и длабоко жалиме, како што жали целата Македонија. Ние, здруженијата за заштита на животни Анима Мунди (Скопје), Анималиа (Охрид), Гласот за животните (Велес), Animal World (Струга), Мали херои (Битола), Спаси живот (Штип), Срце за животните Тиквеш (Кавадарци), ЕДЕН (Скопје), Асоцијација на активисти за правата на животните (ААПЖ) , искажуваме дополнителна загриженост што по стравотната несреќа при што четири годишно дете беше жртва од напад на кучиња со сопственик, граѓаните масовно ни пријавуваат труења на бездомни животни, дури и нивно застрелување. Во однос на труењата расфрлан е високораздорен, смртоносен отров на секаде, во бројни градови и села во Република Македонија. Расфрлан е отров кој, при само вдишување е фатален за животните, но и секој возрасен човек, а камо ли дете. Отровот во храна е фрлан на високофрекфентни локации, шеталишта, игралишта, дури и детски градинки, додаваат од здруженијата.

Велат дека со години укажуваат на „институционалната инертност, незаинтересираност, неподготвеност правилно да се пристапи кон надминување на овој проблем“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука