Охрид, 26. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓани за Велигденските празници ќе бидат во родниот град, додека претпразнично пројавуваат интерес за еднодневни тури, велат од Туристичката агенција „Венус травел“ од Охрид.
Како што додава директорката на агенцијата, Драгана Ристеска, уште од сега се прават резервации за најпопуларните дестинации за Острошки манастир, Метеори, но и за островот Крф.
– Најголем број на најавени туристи кои ќе го посетат Охрид за Велигден се од Србија, Грција и Бугарија. Од Албанија, исто заради католички Велигден, се очекуваат посетители. Домашните туристи празникот традиционално го прославуваат дома, но, ете, странските туристи сакаат да патуваат. Но охриѓани сакаат претпразнично да патуваат. Обично се прават резервации за еднодневните тури. Најбарани се турите за Метеори, за Острошки манастир, а веќе има и резервации за 1-ви мај за Белград, за каде нудиме програми. Од сите категории има заинтересирани граѓани од Охрид за патување, фамилијарни луѓе, млади има доста, додава Ристеска.
Туристичките агенции и бироа од Бугарија веќе најавија дека 280 000 Бугари ќе патуваат за викендите околу Велигден, од кои најголем број ќе го посетат Охрид, Р. Македонија. Освен гостите од Бугарија, хотелиерите во Охрид за празниците очекуваат туристи и од други земји од Балканот.
Од хотел „Аквалина“ од Охрид се задоволни од резервациите за претстојните Велигденски празници.
– Најмногу гости за Велигден ќе имаме од Грција, потоа од Србија. Годинава ќе има и доста домашни туристи од повеќе градови. Капацитетите се пополнети, вели Марјан Николески, директор за храна и пијалоци во хотел „Аквалина“ – Охрид.
Во соседна Струга исто така во најголем број туристите ќе бидат од соседните земји.
– Најави има за целосна исполнетост на капацитетите, но останува да ја видиме реализацијата. Најмногу гости за Велигден очекуваме од Грција и Бугарија, дополнува Ана Јанчева, менаџер во хотел „Дрим“ Струга. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива