Скопје, 28. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Годинава ќе се одржи 29-от Меѓународен саем на книгата, 20-от Меѓународен саем за образование и кариера и Скопје травел маркет.
Настаните започнуваат на 4-ти април и ќе траат сè до 10-ти април 2017 на Скопски саем.
Саемот на книгата е една од најзначајните културни манифестации во Македонија обезбедувајќи ја најголемата концентрација на дела од домашни и странски автори, современи и класични литературни дела, стручна, научна и белетристичка литература, учебници и училишни прирачници, енциклопедии и дела од областа на културата и уметноста. Овој саем е креатор на традицијата и култот кон пишаниот збор поттикнувајќи безброј луѓе од година во година да се вљубуваат во книгата.
Манифестацијата „Денови на образование и кариера“ на едно место ги обединува сите државни и приватни високообразовни институции од земјата и странство кои пред посетителите ги претставуваат додипломските и постдипломските студиски програми, институциите и компаниите кои имаат програми за студирање со стипендии и кредити, компании кои нудат професионална пракса за студентите, како и компании кои нудат вработување на квалификуван кадар на соодветни работни позиции. Овој настан е наменет за студентите од сите степени, како и ученици од средно образование, идни студенти, кои треба да целат кон донесувањето на правилна одлука за нивното натамошно образование и професионална ориентација.
Скопје травел маркет е уникатна можност за квалитетно разгледување на туристичката понуда и опции за патување за секој кој сака да го види светот. Туризмот неминовно се вклопува во трендовите на општествениот и социјален живот на 21-от век.
Саемите ќе бидат отворени од 10.00 до 20.00 часот, цената на влезницата за сите посетители изнесува 30 денари. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива