март 28, 2017

Скопје/Охрид, 28. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Здружението за развој на претприемништвото и туризмот – Концепт плус почна со реализација на проектот „Јакнење на граѓанскиот активизам преку медиумска писменост“ кој ќе се спроведува во Струмица, Охрид, Гевгелија, Кочани, Гостивар и Штип.

– Основна цел на проектот е поттикнување граѓански активизам во помалите средини во Македонија преку медиумска писменост т.е. запознавање на јавноста со тоа што се медиуми, како се креира вест, како да се препознае разликата меѓу реклама, вест и манипулација, како да се препознае политичка или друг вид пропаганда и директна граѓанска активност во решавање на предизвиците во тие средини преку активност, соопшти организаторот.

Координаторот на проектот Синиша Пекевски изрази надеж дека преку проектот граѓаните ќе се справат со напливот на лажни вести во медиумите и ќе можат да препознаат пропаганда или маркетинг во вестите.

Во рамки на проектот ќе се одржат шест работилници за граѓански активизам и шест работилници за медиуми и медиумска писменост во Струмица, Охрид, Гевгелија, Кочани, Гостивар и Штип, наменети за сите полнолетни граѓани кои ќе се пријават на обуката. На крајот на проектот предвидено е да се одржи завршна конференција на која ќе се прикажат резултатите, а претставници од медиумите и невладините организации ќе дебатираат за медиумската писменост.

Проектот „Јакнење на граѓанскиот активизам преку медиумска писменост“ е финансиски поддржан од програмата на Цивика мобилитас. (Крај)

извор: МИА фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука