Охрид/Скопје, 29. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Специјален тим од инженери од Јавното претпријатие Паркови и зеленило ќе ги прегледуваат засадените палми.
Од претпријатието најпрво ќе вршат увид на теренот во Скопје, но имаат обврска да извршат преглед и во другите градови, каде во изминатиот период имаше засадени палми.
Според агрометерологот Ангелко Ангелески од Управата за хидрометеролошки работи, климатските услови се причина за тоа што голем дел од палмите се исушија.
– Почвените услови ги исклучувам бидејќи ние имаме разноликост на почвени типови на кои би можеле палмите да успеат. Но проблемот настанува со климатските фактори. Тоа се тропски растенија и самото име кажува дека треба да бидат во тропските подрачја, сите тие бараат одредени температури. Кај нас ниту температурите во зима ниту во лето им одговараат, вели Ангелески.
Директорот на шуми, Жарко Караџоски изјави дека вели дека нивна обврска била само да ги набават, а за одржувањето треба да се грижат општините.
Проектот на актуелната влада за садење на палми се спроведе преку ЈП Македонски шуми и Паркови и зеленило. Освен во Скопје, палми се насадија и во Охрид, Дојран, Струга, Преспа, Прилеп, Гевгелија. Дополнително, пари се издвојуваат и за одржување на палмите во живот, односно во текот на зимата се виткаат со јутени вреќи или најлонски фолии, во текот на летото се прскаат со специјални прскалки.
Во Охрид во два наврати беа засадени палми, прво на потегот на градскиот кеј, а потоа на потегот од првите плажи кон локалитетот Парк. (Крај)
извор: Фактор фото: архива