Охрид, 29. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во врска со случајот на бесправна сеча на дрва, кој се случи на теренот на Националниот парк „Галичица“, од службите на паркот велат дека често се борат против пустошењето на шумите.
Вчерашниот случај не е единствениот од ваков вид. Лица од Албанија во повеќе наврати во изминатиот период извршиле бесправна сеча на дрва на територијата на Република Македонија.
Вчера вработените на НП „Галичица“ во координирана акција и со помош на службите на „Погранична полиција“ и „Шумска Полиција“ извршиле контрола на делот каде се најчести кражбите во паркот, на границата со Република Албанија.
– При оваа акција бил фатен албански државјанин кој ја преминал границата и навлегол во просторот на Р. Македонија во длабочина од околу 2 км. Фатен е во дејство на кражба на дабово дрво и пустошење на шумата при што кај него е најдена моторна пила како и товарен добиток со кој требало дрвата да ги пренесе во Р.Албанија, велат од НП „Галичица“.
Престапникот е приведен. Му биле одземени добитокот и моторната пила. Постапка е предадена на соодветните служби за преземање на понатамошни дејствија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: НП „Галичица“