Скопје, 29. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Ракот на дебелото црево се открива во многу доцен стадиум и покрај сите кампањи.
Годишно 500 се новооткриени случаи, а 400 завршуваат со фатални последици. Ако заболувањето се открие во што порана фаза тогаш излекувањето е 90 проценти. Во 2015 година од вкупно 100.000 скрининг тестови само 20.000 биле искористени.
Во Скопје се одржа едукативна трибина „Нови предизвици во лекувањето и третманот на ракот на дебелото црево и ректумот“, што ја организираше Здружението за борба против рак „Борка – за секој нов ден“.
Претседателот на Здружението, Биба Додева рече дека инциденцата за овој вид карцином, кој се открива во многу доцен стадиум, сеуште се зголемува и смртноста е на многу високо ниво. Македонија, нагласи, е на трето место по смртност од малигни заболувања.
– Пациентите кои имаат крварење се соочуваат со проблеми со закажување прегледи на колоноскопија, имаме проблем со новата цитостатска терапија. Најавено е дека од оваа година ќе има достапност до некои лекови, но се уште тоа во целата оваа ситуација е нејасно на кој начин ќе се одвива и кога. Тоа се одразува на грбот на пациентите кои овој период остануваат без соодветна терапија и сме без конкретно решение да изнајдеме што би можеле понатаму да направиме, истакна Додева.
Ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје, Никола Јанкуловски, кој е абдоминален хирург, рече дека ракот на дебелото црево е едно најчестите малигни заболувања и во последните 10 години бројот на новооткриени случаи годишно во Македонија изнесува околу 500, а бројот на починати е 400.
– Она за што се бориме и да се зголеми бројот и видот на скрининг програмите кои се недоволно застапени во земјата. Ова заболување треба да биде откриено во што порана фаза кога излекувањето изнесува 90 проценти. Се она што ќе се открие кај пациенти кои немаат симптоми претставува скрининг. Постојано се зголемува бројот на пациенти кои се јавуваат на превентивни прегледи, рече Јанкуловски. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива