Охрид, 29. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Петмина млади шахисти од Охрид, членови на Шаховската школа „Ласкер“ од Охрид, постигнаа успеси на младинскиот шаховски турнир, кој се одржа во Основното општинско училиште „Наум Наумовски – Борче”во Скопје.
Младиот Константин Лушески, кој се натпреваруваше во категоријата деца до 12 години, го освои првото место. Дванаесетгодишниот Никола Николоски го освои 2-то место во истата категорија, додека со трето место се закитија двакца членови на „Ласкер“ – Михаил Николоски и Иван Велкоски. Учество на натпреварот зеде и Стојан Велкоски.
Како што вели Борис Лушески, професор по математика во Основното училиште „Братство“ во Охрид, кој ја води Шаховската школа „Ласкер“, во Македонија треба да се одржуваат повеќе шаховски турнири за млади.
– Искрено, малку се на број шаховски турнири во Република Македонија. Три турнири се организираат редовно. Што се однесува до нашата школа, малку имаме средства за да можеме да учествуваме на овие натпревари. Обично, турнирите траат подолго, картите за патување се скапи, така да, потребни се финансии за патување и за престој. Но, се снаоѓаме колку што можеме, и колку што родителите можат да си дозволат. Како дополнување на ова, на пример, наредната недела има натпревар по математика, а ние немаме средства да ги однесеме децата, истакнува Лушески.
Тој додава дека многу малку има слух во заедницата да се дадат средства за младите таленти, кои треба да го претставуваат градот на одредени натпревари.
Инаку, членовите на Шаховската школа „Ласкер“ се среќаваат два пати неделно во просториите на ОУ „Братство“ и во континуитет напредуваат. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива