Охрид, 30. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Кога на огромниот крајезерски простор, каде сега се проширува и модернизира Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ од Охрид, ќе се пресели и Центарот за кардиологија, тогаш за Охрид ќе може да се говори како за балкански центар од аспект на здравствениот туризам.
Во болницата, уште од поодамна, покрај од Македонија, се лечат пациенти и од Албанија, Косово, јужниот дел на Србија, како и од други земји. Оваа здравствена установа, формирана 1950 година, стигна до светски глас, особено откако тука почна да доаѓа рускиот академик Илизаров, единствен во светот кој го примени методот на продолжување на коски на екстремитети.
Кардиолошкиот центар, пак, кој сега е сместен во угостителски објект во населбата Свети Стефан, е единствен за рехабилитација на срцево болни после извршени хируршки зафати на срце во земјата, а веќе неколку години персоналот успешно чекори и на полето на инванзивната кардио-хирургија.
Вкупната инвестиција за реновирањето на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид чини над 5,5 милиони евра. Министерството за здравство, веќе ја објави процедурата за јавна набавка на медицинска и немедицинска опрема, за вкупно 515 парчиња медицинска опрема, како и дополнителни парчиња мебел и немедицинска опрема.
Своевремено, имаше голем интерес од арапските земји за користењето на услугите од ваков вид на болница. Тој интерес постои и денес, иако тие се ориентираа и ги окупираа Карлови Вари. Познавачите велат дека Охрид, сепак, е во предност и кога станува збор за здравствениот туризам, но само под услов да се сочуваат еколошките вредности на регионот, но и за верскиот, доколку се промени сегашната незаинтересираност на МПЦ – ОА.
Особено што, во двата случаи, покрај Охрид, имаат што да понудат и Струга,Преспа, но и Дебарско-реканскиот регион.
Познавачите, како поучен пример ја посочуваат Црна Гора, каде само Св. Василиј Острошки, со успешната приказна за светецот и манастирот стар 200 години, на Црна Гора, односно на црквата ѝ носат десетици милиони евра годишно, а посмелите бројката ја поместуваат дури до 50 милиони.
До каде би стасале ние, кога би знаеле како на светот да им ги продадеме приказните за редицата толку значајни објекти кои ги поседуваме. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива