март 30, 2017

Охрид, 30. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Утре 31-ви март ќе се одбележи Денот на Македонското правосудство, односно поставувањето на темелите на судството во Република Македонија, но без поддршка од судската служба.

Од Здружението на судска администрација на Република Македонија велат дека се приморани да не дадат поддршка на годинешните активности за одбележување на Денот на основањето на судовите.

Судската служба останува на своите барања за зголемување на платите, потврдува Борче Мирчевски, претседател на Здружението на судска администрација на Република Македонија.

– Некогаш револтот е поголем поради занемарување на сите финансиски работи. Воопшто во органите кои одлучуваат за финансирањето, значи, за исплатата на плати, конкретно во судскиот буџет, судската служба нема свои претставници и координатор, кој би можел да зборува во нивно име. Добивме дописи од неколку подружници од судови во Македонија, кои ќе го бојкотираат Денот на правосудството во Република Македонија. Препораката е да не учествува судската служба на одбележувањето на денот, поради нееднаквниот третман, објаснува Мирчевски.

Како што неодамна најавија од судската служба, подготвени се да преземат порадикални мерки поради тоа што сите кои учествувале во штрајкот на судската администрација, биле казнети со 40% намалување на платата за два месеци. Додаваат дека судиите, обвинителите и обвинителните службеници добиваат зголемување на платите, а судската служба е онаа која во тоа изостанува. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука