Охрид, 1. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Делува како првоаприлска шега, а можеби е повеќе за рубриките од типот на Рипли, мегутоа, сепак, на репортерите на Охрид Прес, не им одмина од внимание присуството на двајца млади Французи, кои се цврсти во намерата светот да го обиколат пеш.
Репортерите, решени да направат сериозна приказна на Денот на шегата, ги уловија Грегори од Париз и Фелих од Нант, како на крајбрежното шеталиште од Охридското Езеро се одмараат, подготвуваат невообичаен кревет-лежиште за преспивање и собираат сили за натамошниот напорен пат.
Патот, пак се мери во илјадници километри, а тие за превозно средство ги имаат сопствените нозе, додека куќата, во која преспиваат и ги носат неопходните потреби, е импровизација од приколка, што ја влечи едниот од нив, а потоа се заменуваат.
Грегори е веќе допломиран архитект, додека Фелих е студент по архитектура.
Родната Франција ја оставиле пред две години и тргнале на долг пат. Преку Швајцарија, земјите на средна Европа, се симнале во Хрватска, па Црна Гора, Србија и Македонија.
Од секаде, мегу другото понеле и дел од локалните јазици, за кои велат дека се многу сродни од Слувачка и Чешка, па надолу на југ.
Во Македонија, Охрид им бил незаобиколна станица, а веќе доста зборови од српски ги трансформираат на македонски јазик. Велат тоа им е најголемото богатство, покрај сето друго искуство што ќе го стекнат на овој невообичаен поход.
– Досега патуваме две години. Наредната земја ни е Грција, а одтаму, преку Бугарија и Турција, земјите на средна Азија и црноморскиот басен, влез во Русија и стигнување во Москва, за што планираме мегу 7 и 8 месеци, им кажаа на репортерите на Охрид Прес, двајцата невообичаени патници.
На прашањето, како се снаогаат со исхраната, хигиената и особено евентуалната потреба од здравствена интервенција, Грегори одговара дека досега, за среќа, само тој имал лесна забоболка и толку!?
Познатиот екологист и ликовен уметник од Скопје, Свето Стефаноски, кој сега, поголемиот дел од годината го минува во создавање во Охрид, како што пренесува охридскиот портал, воодушевен од приказната на двајцата млади французи, им подарил ликовно дело со мотив од Охрид.
Штета што за ваквите патници, нема слух и внимание и кај официјалните претставници на градот, или, како што велат охригани: На дикатот, да им одговорат со дикат!? (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес