април 3, 2017

Прилеп, 3. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Повеќе од 600 учесници од цела Македонија викендов зедоа учество на 4-от по ред планинарски марш посветен на основоположникот на планинарството во Македонија, прилепчанецот Даре Џамбаз.

Организатор на настанот беше планинарското друштво „Козјак“ од Прилеп. Маршот започна од н.м. Дупјачани, од каде планинарите се упатија кон месноста Сурун-Горно село, каде што има стари гробници од македонски тип кои датираат од 3 и 4 век п.н.е., а од тука тие се искачија на манастирот „Трескавец“ каде за сите нив имаше подготвено планинарско гравче. Маршот од манастирот Трескавец заврши во населбата Варош во Прилеп.

– Времето беше одлично за планинарење, повеќе од 600 учесници од цела Македонија се присутни тука во Прилеп. На манастирот Трескавец за сите нив подготвивме планинарско гравче и на сите планинарски друштва кои се придружија на овој марш им дадовме и благодарници. Турата беше прилично тешка, должината изнесуваше 16 км., но се помина во најдобар ред и сме многу задоволни за тоа. Им благодарам на сите оние кои денеска зедоа учество на маршот. Најмалиот учесник имаше само 5.5 години, а настариот 77 години. Исто така сакам да кажам и тоа дека лани кога бевме тука се гледаа само урнати ѕидови на манастирот. А сега на некои конаци има подигнато и по два спрата и се работи со полна пареа. Се надевам дека кога ќе дојдеме тука идната година манастирот ќе биде и завршен, кажа Методија Ризаноски, претседател на планинарско друштво „Козјак“.

Инаку освен основоположник на планинарството во Македонија, Даре Џамбаз бил основоположник и на крводарителстовото кај нас, а бил и потпретседател на сојузот на планинарски друштва на Југославија.

Планинарското друштво „Козјак“ годинава по трет пат планира да го организира и кампот за едукација на млади планинари кој ќе се одржи во месец јули во месноста Беловодица. Годинава на овој камп било планирано да учествуваат 80 млади планинари. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука