Скопје, 4. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – По повод Светскиот ден на бездомни животни, 4 април, Здружението за заштита на животните и животната средина „ЕДЕН“ ја информираат јавноста дека го лоцираат коренот на проблемот околу актуелната ситуација со животните.
Велат дека проблемот лежи во „децениската неажурност и неисполнителност на институциите, т.е. Локалните самоуправи“.
– Веќе со години постои и стратегија за хумано, трајно и темелно справување со бездомните кучиња изработена од граѓанскиот сектор. Во земја со површина колку Македонија проблемот е трајно решлив за 6 месеци до 1 година. За жал, нема никакви напори од страна на надлежните за негово решавање. Со години се вртиме во круг и сè почесто сме сведоци на немили настани. Иако општина Куманово, заедно со Скопје, Штип, Гевгелија и уште неколку се општини во кои најбрутално се убиваат бездомни животни и тоа со години – проблемот уште постои и ќе постои сè додека се прават половични обиди за негово решавање и додека на бездомните животни се гледа како на проблем кој се создал сам од себе, а не кој го создал човекот, велат од „ЕДЕН“.
Граѓаните мора да разберат дека според научни истражувања агресијата кај животните се намалува за дури 95% откако ќе се стерилизираат/кастрираат, а со вакцинирање им се одржува здравствениот статус и не се извор на зарази за човекот, додаваат од здружението.
– Труењето на бездомните животни не само што е кривично дело, туку е и огромна опасност за човекот, особено за децата. Кога само од едно душкање куче од 30 кг може да угине за неколку минути без можност за спас, што останува за помалите дечиња? Во последниов период сме сведоци на зачестени труења на територијата на целата земја, додаваат од „ЕДЕН“.
Оттаму предложуваат повеќе мерки: стерилизација/кастрација на повеќето бездомни животни, задолжително чипирање на животните со сопственици, стимулирање кастрација/стерилизација за животни со сопственици, задолжителни даноци за сопственици што одбиваат да стерилизираат/кастрираат, даноци за одгледувачници и едукација на јавноста. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива