Охрид/Струга, 4. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Според истражувањето на Центарот за економски анализи преку проектот: Фискална децентрализација за подобар регионален развој на граѓанското општество, Југозападниот регион во кој спаѓаат градовите Охрид и Струга, е регион во кој граѓанските организации не се доволно вклучени во стратегиите за развој на локално ниво.
Целта на ова истражување е идентификување на причините кои го движат развојот на граѓанските организации, здруженијата и фондации1 во регионите и во општините на Република Македонија како и да се идентификуваат последиците од таквиот развој.
– Перцепцијата на граѓанските организации во Охрид и Струга во однос на Центрите за рамномерен регионален развој, организациите во овие градови не се запознаени ниту информирани дека Центарот за рамномерен регионален развој објавува повици, со исклучок на една граѓанска организација, која аплицирала и добила грант, но за непозната активност. Иако невладиниот сектор генерално се споменува во националната стратегија за регионален развој, стратегиите за развој за иновации како и развојните програми, сепак истите слабо се применуваат на терен и најголем број од граѓанските организации воопшто не се запознаени и не партиципираат во нивната изработка, се вели во извештајот на ЦЕА.
Исто така, во извештајот се анализира дека приходите од централната власт и локалната власт или земаат мало незначително учество во вкупните извори на средства на граѓанските организации во Југозападниот регион, или воопшто не постојат.
Ниска оцена на соработка на единиците за локална самоуправа со граѓанските организации има токму во Југозападниот регион.
– Може да се забележи дека организациите од Југозападниот регион имаат најниска оцена 1,4 далеку под просечната оцена за Македонија 3,1 што укажува на тоа дека граѓанските организации од овој регион скоро и да не бараат можности за влијание врз владините политики. Потребни се интервенции во соодветната законска регулатива за да се одвојат граѓанските организации од партиски, владини и слични организации, лоби групи, истражувачки центри и активи-
сти, додаваат од ЦЕА.
Од Центарот за економски анализи даваат препораки, дека процесите на креирање политики треба да се отворени за вклучување на граѓанските организации во планирањето, а не да се користат како потврда на веќе донесени политики и планови од извршната, судската и законодавната власт. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива