Охрид, 5. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Вчера во пожар кој настанал на индивидуален објект за домување, куќа лоцирана на улицата „Крали Марко“, целосно бил опожарен долниот кат на куќата.
– Во пожарот е изгорена целата покуќнина, вратите, облека, документи на повозрасната личност, како и кабли за електрична енергија и телефон. Екипа од 6 пожарникари учествуваше во гаснењето на пожарот и извлекувањето на жената во поодминати години, која е тешко подвижна. Благодарение на брзата интервенција на екипата, прво се пристапи на спасување на лицето кое беше во куќата, а потоа се пристапи кон гаснењето на пожарот, информира за деталите, Горан Маркоски, заменик командир на Територијалната противпожарна единица Охрид.
Во охридската пожарна стигнала дојава за пожар во 11:45 часот, на лице место излегле 2 возила со 6 пожарникари, кои на местото на настанот пристигнале во 11:55 часот. Пожарот бил локализиран во 12:20 часот, а ликвидиран во 13:40 часот.
По спасувањето, жената била транспортирана во охридската болница.
Од охридската пожарна додаваат дека поседуваат соодветна опрема, која била набавена во скоро време, наменета за брза интервенција за извлекување на лица при сообраќајна несреќа. Истата опрема била употребена во вчерашниот случај. Останува предупредувањето до сите граѓани на внимателно ракување со апаратите за домаќинство, со цел превенирање во настанувањето на евентуални пожари. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес