април 5, 2017

Скопје, 5. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од О2 коалицијата за чист воздух бараат праг на алармирање согласно препораките на СЗО, ЕЕА и по европските примери.

Прагот на алармирање за PM10 бараат да биде поставен при достигнување на дневна вредност од над 70 µg/m3, два дена по ред, без оглед дали станува збор за викенд или работен ден и без скриени услови.

– Итните мерки кои треба да го редуцираат сообраќајот, функционирањето на индустријата, градежните активности, фосилните согорувања и сл, да стапат во сила веднаш наредниот ден и да траат сè додека нивото на PM10 честици не биде под дозволеното, до 50 µg/m3 дневно на сите мерни станици, велат иницијаторите.

Ова е барањето кое го доставуваат 12 граѓански еко иницијативи: О2 коалиција за чист воздух; Воздух Сега!; Ние сме Карпош 4; Стоп на загадувањето; Прва детска амбасада во светот МЕЃАШИ; Движење ЕКО ГЕРИЛА – Тетово; Мајка и дете – Тетово; Скопје Смог Аларм; Спас за Водно; ЗА НАС СЕ РАБОТИ – Битола; Куманово бара чист воздух и Скопје бара чист воздух.

– Барањето под итно ќе го доставиме до Министерство за животна средина и просторно планирање, а како израз на незадоволство од предлогот кој Министерството ги најави минатиот петок, при тоа давајќи рок од само 4 дополнителни работни дена за реакција на граѓаните. Со овој предлог на Министерството, Прагот на алармирање за PM10 од сегашната вредност над 100 µg/m3 дневно за период од 10 последователни дена, го зголемува на над 250 µg/m3 за период од 2 последоватенилни денови (во првата, односно над 200 μg/m3 во 2022 година). Покрај петократното зголемување на PM10 честички од максималната законски утврдена дневна вредност од 50 µg/m3, Министерството додава и дополнителни услови, од типот на број на мерни станици кои треба да ја имаат просечната вредност и недефинирана стабилна временска прогноза, што според нас е силен показател, дека краткорочни и итни мерки никогаш нема да бидат воведени, велат од еко – иницијативите.

Праг на информирање за PM10 ги дефинира пониските концентрации, кои, откако ќе бидат надминати се ризик за човековото здравје при краткотрајна изложеност, особено на чувствителните делови на населението, при кое што е потребно навремено информирање (мали деца, постари граѓани, трудници, хронично и срцеви болни, лица со астма, и сите други кардиоваскуларни и респираторни болести).

Праг на алармирање за PМ10, пак, е кога концентрациите достигнале ниво и времетраење, при што и кратка изложеност носи голем здравствен ризик за целото население и согласно Законот веднаш стапуваат во сила итни мерки кои, во најбрз можен рок, ќе го намалат нивото до дозволеното.

За потсетување, PM10 и PM2.5 честиците се прогласени за канцерогени честици од прва категорија, бидејќи во себе ги содржат најтоксичните и најканцерогените супстанции познати на човекот, тешки метали, арсен, жива, кадмиум, олово, хром, никел, радиоактивни, како тие од пепелта и рудникот на РЕК Битола и РЕК Осломеј што содржат ураниум, ториум, радиум, а содржат и диоксини, кои се за пола милион пати поканцерогени од арсенот, а нив ги имаме на претек во воздухот што го дишеме по горењето на отпад и депонии. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука