април 6, 2017

Скопје, 6. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во Промотивниот центар на Саемот на книгата издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“ ги претстави своите изданија отпечатени на Браево писмо, што претставува дел од соработката меѓу „Арс Ламина“ и Проектот на УСАИД И ЛЦИФ за деца со пречки во видот.

Изданијата се наменети за учениците со оштетен вид кои ги посетуваат дневните ресурсни центри, каде што децата со пречки во видот посетуваат дополнителни училишни часови.

– Досега се отпечатени 21 наслов на Браево писмо, меѓу кои: учебници по математика, природни науки и хемија, на македонски и на албански јазик, детски класици и бајки од Македонија, изјави Бранка Бугариска, директор на издаваштво во „Арс Ламина“.

– Пристапот до квалитетно образование е универзално човеково право. До 2014 година, помалку од еден процент од македонските деца со оштетен вид можеа да читаат Брајова азбука (систем за пишување што им овозможува на слепите и на лицата со делумно оштетен вид да читаат и да пишуваат со допир). Горди сме што со благодарение на ’Лајонс‘, УСАИД и Универзитетот на Југоисточна Европа и сите наши партнери, како што е ’Арс Ламина‘, успеавме преку овој благороден проект да ја смениме оваа реалност за лицата со оштетен вид во Македонија, истакна Давор Каракашев, координатор на Проектот на ЛЦИФ и УСАИД за децата со пречки во видот.

Специјален гостин на промоцијата беше и Алдин Шерифи од Тетово, ученик во Државното училиште за рехабилитација за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Скопје, кој секојдневно го посетува ресурсниот центар во Тетово. Низ разговор, Алдин објасни како ги користи изданијата на Браево писмо и другите помагала и на кој начин тие му помагаат во совладувањето на наставните содржини, а на крајот на присутните им прочита извадок од „Бајки од Македонија“ на Браево писмо.

Во следната фаза, „Арс Ламина“ планира да издаде уште најмалку 50 наслови на Браево писмо – учебници, романи и книги за деца, лектирни изданија, класици, сликовници, дидактички игри и дополнителни дидактички помагала итн., а дел од нив ќе бидат изработени и издадени и во вид на аудиокниги. Се планира и отворање на посебно катче во книжарницата „Литература.мк“ во кое ќе можат да се најдат дел од изданијата на Браево писмо. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука