Охрид, 6. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – По вчерашното дружење со Билјана Буџакоска и Ивана Коскоска во студиото на Супер радио, продолжува поединечното претставување на финалистите на талент шоуто Ohrid SUPERSTAR.
Денес водителите Александра Алексијевска и Даниел Наумовски разговараа со кандидатките Светлана Вељаноска и Ирма Гогова.
– Одлично си поминуваме за време на шоуто, ги следиме насоките на менторите. Секогаш пејам со емоции. Можам да кажам дека сум задоволна од тоа како се претставив на полуфиналето, но секогаш може и подобро. Чест ми е што се пријавив на едно вакво шоу, стекнав многу пријателства, добивам позитивни критики за моето пеење. Најубавото нешто што го слушнав за мене е дека сум талентирана и моментот кога ми соопштија дека одам во финале, вели Светлана Вељаноска од Струга.
Додека Ирма Гогова, со слушателите сподели дека знае да запее ненадејно во секој момент штом слушне добра песна.
– Наоѓам време за сè. На почетокот не беше напорно, сега е понапорно, но интресно. Работиме со нашите ментори, имаме дружба и забава. Околу изборот на песната за полуфинале, тоа беше случајно. За финалето ќе дадам сè од себе, се надевам дека сите кандидати ќе се обидеме да ја расположиме публиката. Ги покануваме сите да дојдат во недела на финалето во центарот за култура, повикува Гогова.
Двете млади пејачки додаваат дека во слободно време слушаат радио и сакаат да се дружат.
Слушателите на Супер радио, исто така, за време на гостувањето на финалистите во студио, можат да слушнаат и вокални извадоци од нивното претставување на полуфиналето.
Жири комисијата за финалето ги одбра кандидатите: Емилија Петровска, Ирма Гогова, Андреа Јованоска, Ивана Коскоска и Билјана Буџакоска. Додека публиката им овозможи на танцовата група „The Passengers“ и Светлана Вељаноска да продолжат во финалето следната недела.
И утре на програмата на Супер радио и во живо преку фејсбук страницата ќе има претставување на останатите финалисти. (Редовно информации и фотографии се ажурираат и на официјалната страница на шоуто).
Финалето ќе се одржи на 9-ти април, недела, со почеток во 10:00 часот во големата сала при Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Публиката ќе има можност да гласа и да го поддржи својот омилен кандидат преку билетите, кои се во продажба во студиото на Супер радио, музичката продавница „ЗЗ Топ“ и „Тамаро маркетот“ лоциран на булевар „Туристичка“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес