Охрид, 6. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Работилниците за модерни наставници, кои се одржуваат во Охрид, се наменети пред сè за личен развој на просветните работници, велат од психолошкиот центар „Солушнс“ од Охрид, кои организираат семинар преку таканаречени модули.
– Работилниците се интерактивни, значи не е само излагањето на предавачот, туку наставниците активно партиципираат. Средбите имаат за цел личен развој на наставниците. Имаме чест работилниците да ги одржува предавач Марија Дамјаноска – НЛП мастер тренер и НЛП коучер сертифициран од НЛП Холандската школа Bureau land. Што се однесува до примената на знаењата во секојдневната пракса на наставниците, тоа е индивидуално, зависи од самите наставници. Но, во секој случај, модерните методи можат многу да им помогнат во работата, вели Ранко Раткушиноски, сопственик и психолог во психолошкиот центар „Солушнс“.
За прв пат во Охрид се организираат вакви работилници, кои им овозможуваат на наставниците да се надоградуваат по методи, кои се применуваат во светот. Досега интерес за учество на работилниците пројавија наставници не само од Охрид, туку и од другите градови.
– Работилниците се реализираат преку 5 модули, секој модул е посебна тема. Досега се реализирани четири дела од првиот модул, каде имавме околу 80-90 учесници. На првата работилница имавме учесници не само од Охрид, туку и од Битола, Тетово, Гостивар, Скопје. Има интерес кај наставниците за проследување на оваа обука. Од овој викенд, пак, ќе започнеме со работнилници и во Скопје, додава Раткушиноски.
Следните два семинари во Охрид ќе се одржат на 23 и 29 април. Дел од прашањата кои се обработуваат на работилниците се однесуваат на тоа како комуницира и какви прашања поставува модерниот наставник, начините на справување со различни однесувања на деца и слично. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива