Охрид, 7. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Вечерва во Концертната сала на Основното музичко училиште „Методи Патчев“ ќе се одржи концерт.
Концертот ќе биде со почеток во 19 часот.
Ќе се претстават сите ученици, од најмалата до најголемата група со разновидна програма на класична музика.
Како што потврдува директорката на училиштето, проф. Емилија Маринова, во континуитет има интерес кај најмладите за изучување на музички инструменти.
– Интересот за запишување на ученици во ОМУ „Методи Патчев“, од година во година е сè поголем. Може да се каже дека малку поголем интерес има за клавир и виолина, но не заостанува ни интересот за гитара, флејта и другите инструменти, посочува Маринова.
По вечерашниот концерт, училиштето во понеделник, исто така од 19 часот, ќе го одржи традиционалниот Велигденски концерт.
Инаку, за успехот на учениците од ова училиште говорат самите признанија и награди, кои ги освојуваат. На последниот меѓународен натпревар Полихимнија што се одржа на 1-ви април во Скопје, учествуваа учениците од ОМУ „Методи Патчев“ од класата на проф.Емилија Маринова.
Ученикот Бојан Секулоски освои втора награда, исто како и Матеј Поп Марков.
Награда за најмлад учесник освои Јаков Поп Марков кој сеуште не оди на училиште, но го изучува пијаното уште од четири годишна возраст. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива