април 10, 2017

Охрид/Скопје, 10. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Р. Македонија, Синдикатот на индустријата, енергетиката, и рударството на Македонија, Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните работилници и АГРО Синдикатот и оваа година ќе излезат на протестен марш на Први Мај – Mеѓународниот ден на трудот.

Синдикатите ќе излезат на протест заедно со потписниците на Повелбата за солидарност – Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, Синдикатот на културата на Р. Македонија, Синдикатот на македонската дипломатската служба, Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија, Независниот академски синдикат, Мултиетничкиот синдикат за образование, Левичарското движење СОЛИДАРНОСТ и Младинската организација МУГРА.

– Овие синдикати кои и покрај сите притисоци од работодавачите опстојуваат според своите статутарни определби, и се независни од работодавачите, државата и политичките партии, обединети и во поголем број во однос на претходните години на Први Мај ќе ги повикаат своите членови и сите работници и работнички да испратат јасна порака до надлежните во државата да работат во интерес на работниците и работничките но и да се борат за сплотеност и единство, подобар стандард и поголеми права, велат организаторите на протестот.

Организаторите на овој протест, како прогресивни синдикати во Р. Македонија, заедно и солидарно годинава на Први Мај ќе излезат на улица со единствена порака.

– Порака за заштита и унапредување на работничките права а истовремено ќе го најават и окрупнувањето на прогресивното синдикално движење во Македонија и ќе ги повикаат работниците конечно да расчистат со т.н. жолти синдикати кои не само што не работат во интерес на работниците, туку се и продолжена рака на работодавачите и ги штитат нивните интереси, додаваат организаторите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука