април 10, 2017

Тирана, 10 април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, ја претстави туристичката понуда на Македонија пред 73 изложувачи и гости на првиот меѓународен саем за туризам Медитераниан туризам феар ( MTF), што се одржа викендов во Тирана.

На панел дискусијата што се одржа во рамки на саемот „Регионална соработка во туризмот во контекст на меѓународната година за одржлив туризам и развој: Предизвици и долгорочен поглед“ директорката на АППТ, Лела Крстевска ја истакна суштината на меѓународната соработка во регионот и нејзината важност во име на одржливиот туризам.

– Оваа година земјите од Балканот: Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина заедно ќе се престават на саемот за туризам во Јапонија, како една дестинација за азиските земји, со што се потврдува важноста на регионалната соработка, најавуваат од Агенцијата.

Според АППТ, интересот за природата и културата на Македонија на саемот во Тирана бил огромен, особено од помладата публика. Штандот го посетиле амбасадрот на Македонија во Албанија Стојан Карајанов, албанскиот министер за економски развој, туризам, трговија и претприемништво Милва Економи и Ардит Чолаку, директор на албанската Агенција за туризам. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука