Охрид/Скопје, 11. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со долг по основ на неплатен ДДВ и данок на добивка, некогашниот охридски гигант „Отекс” повторно е на врвот и на најновата листа со должници на Управата за јавни приходи.
Сумата која се должи по овие основи е 11,1 милиони евра, а „Отекс” со месеци ја предводи оваа листа.
Инаку на веб страната на Управата за јавни приходи може да се види листата на должници, на која има 4.251 фирми и физички лица.
Се работи за долгови доспеани до 31 декемри 2016 година и неплатени до 31 март оваа година.
Долговите се по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, за кои вкупниот износ на долгот е повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојни вршители на дејност и повисок од 300.000 денари за правните лица.
Листата на должници е објавена на веб страницата на УЈП согласно член 9 од Законот за даночна постапка.
Доколку даночниот обврзник не се согласува со објавените податоци, може да се обрати до надлежната Регионална дирекција на УЈП – за објавените долгови по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход и придонеси од задолжително социјално осигурување или Царинска управа на РМ – Одделение за наплата на приходи, буџет, гаранции и анализа, за објавените долгови по основ на акцизи, царини и ДДВ при увоз. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива