април 12, 2017

Охрид/Скопје, 12. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Здружението за заштита на животните и животната средина „ЕДЕН“, заклучоците од сите средби со граѓанските организации, ќе ги пренесе на состанокот кој ќе се одржи со реактивната мисија на УНЕСКО денеска во Охрид.

Наташа Доневска, консултант за одржлив развој, еден од трите консултанти кои ја пишуваа номинацијата за Прекуграничниот биосферен резерват Охрид-Преспа, вчера ја презентираше темата: „Заштитени зони во охридско-преспанскиот регион во рамки на програмите на УНЕСКО“.

Додека Драгана Велковска од Здружението „ЕДЕН“ вели дека животната средина не е за остварување профит.

– На заштитата на животната средина не смее да се гледа како на неможност за остварување профит, напротив, туризмот во регионот постои токму поради природата и токму затоа не смееме да си дозволиме да ја уништиме засекогаш. Уништувањето на природата ќе значи уништување на туризмот, рече Драгана Велковска од Здружението „ЕДЕН“.

– Словенија живее од тоа што ја продава приказната на првата зелена земја во светот, а има далеку помалку природни богатства од Македонија. Ние имаме многу, но мора да научиме убаво да ги спакуваме ако сакаме да ги продаваме, наведе Александар Јованоски од туристичкиот кластер на југозападна Македонија ЕДЕН.

edensostanok2

– Ме боли кога го гледам езерото вакво. Не треба да зборуваме дека ќе го заштитиме, туку треба да го сториме тоа, истакна д-р Вера Новевска од Македонското лимнолошко друштво, инаку пензиониран научник со 35-годишен работен стаж во Хидробиолошкиот завод во Охрид.

На средбата се зборуваше за отпадот како голем проблем во регионот и општо на целата територија на РМ. Еден од главните заклучоци беше дека не се почитува законската регулатива и дека е неопходно нејзино спроведување доколку сакаме регионот да оди напред. Нужна е масовна едукација за огромното природно богатство со кое располага регионот и за неговото зачувување доколку сакаме трајни резултати.

Присутните беа едногласни дека регионот не смее да го изгуби статусот УНЕСКО и дека сè што води кон тоа мора да запре. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ЕДЕН

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука