Струга/Охрид, 12. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Најновите дела на авторките Дамјана Видическа и Ели Радеска ја здогледаа светлината на денот.
“Бруклин” и “Последната приказна” беа промовирани на Универзитетот ФОН.
Промотор и модератор на двете книги беше професорката по книжевност Татјана Срцева Павловска.
Самата авторка соголувајќи ја вистината за личниот лајт мотив, порив за сопствената инспирација за оваа возбудлива тинејџерска сторија ќе каже. Можеби “Бруклин” се доживува како обична или необична љубовно – авантуристичка приказна, но, зад секоја реченица или мисла постои по некоја вистина од мојот живот, потенцира промоторката Срцева Павловска.
– Романот се чини детски наивен и невин. Но, сепак авторката Видическа со голема сериозност зрелост и комплексни емоции раскажува колку една млада девојка може да ги доживува и процесуира нештата необременета од предрасуди, слободна од осуда и со отворено срце, рече Срцева Павловска.
На нашата сограѓанка Дамјана Видическа ова и е трета книга.
– Во “Бруклин” станува збор за една моја филозофија, за еден мој поглед кон светот, она што мислам дека е највжно, а тоа се љубовта и семејството кои се всушност и главни ликови во овој роман.
Преку овој роман сакам да им укажам на луѓето, на читателската публика дека животот е краток и треба да учиме од грешките од болките и од сите оние препреки кои ни застануваат на патот. Животот треба да го живееме онака како што ние сакаме. Ако не направат главни ликови на некои неважни измислени приказни, тоа не треба да не попречи на нашиот пат, истакна Видическа.
Во романот “Последната приказна” брилира младата авторка Ели Радеска чија поетска тишина иако притиска и напати гуши, едновремено и мошне гласно и јасно зборува лирски, а сепак многу луцидно, рече промоторката.
– Нејзината наративна археологија навлегува длабоко во временската отсечка од животот на една старица со најубаво име на светот, Бисера, која како расте и осозрева така бива се пожестоко и посурово камшикувана од немилосрдните удари на судбината. Сепак и покрај се таа чекори успешно, упорно низ животот и низ целата наративна структура на романот. Бисера и покрај сторчката храброст не може, а да не се запраша – зошто токму мене, вели Срцева Павловска.
Инаку и двете авторки се студентки на Универзитетот ФОН и веќе добро познати и докажани во литературните кругови. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес