април 13, 2017

Охрид, 13. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – „На средбата меѓу претставниците на експертскиот тим на УНЕСКО и од Националната установа Завод и Музеј Охрид, беше разгледано нашето работење во поглед на изработката на конзерваторските проекти“, објаснува директорката на установата, Тања Паскали Бунташеска.

Како што додава, имале чисто работна средба со експертите од УНЕСКО.

– Претставниците на УНЕСКО во Охрид само вршеа разгледување и мониторинг. Додека беа во посета на локалитетите, не дадоа никаква забелешка или предлог мислење. Извршија увид во нашето континуирано работење и во однос на тековните проекти. Немаме информација кога ќе го достават официјалниот извештај од средбата, додава Паскали Бунташеска.

Во однос на тековните работи за пролетно – летната сезона, од Завод и Музеј додаваат дека во моментов, се работи паралелно на три проекти, конзервација на фасади на неколку објекти во Охрид и Струга, фрескоживописот на црквата Свети Ѓорги во Струга и во завршна фаза е проектот за Галеријата на Робевци.

Тројца експерти на УНЕСКО сé до утре ќе бидат во посета на Охрид во функција на извршување на мониторинг – мисија на идните проекти што е предвидено да се градат во овој регион.

Од организацијата за заштита на природното и културното наследство вршат увид на терен за да утврдат во кој степен се почитуваат препораките на УНЕСКО за обемот на градежните зафати и нивното влијание врз животната средина и културното наследство. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука