Охрид, 13. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во пресрет на најголемиот христијански празник, Воскресението Христово, се одржува Велигденски изложбено – продажен саем.
На штандовите кај плоштадот Чинар своите дела со велигденски мотиви ги прикажуваат 21 излагач. Меѓу нив најчесто има занаетчии со рачна изработака на кожни и плетени производи, како и торти, колачи и традиционалното ѓомлезе, кои се продаваат по симболични цени. Свои дела претставија и децата од охридските основни училишта.
Собраните средства ќе бидат искористени во хуманитарни цели.
Меѓу излагачите беше и охриѓанката Билјана Цветаноска која ги прикажа своите изработки со мошне популарната и позната во светот техника декупаж.
– За изработка се користат разни салфетки кои се лепат на дрво, стакло и други материјали. Ова го почнав како хоби но помислив зошто да не, нешто и да заработам, рече Цветаноска.
На саемот со свои танцови точки се претставија најмладите, дечињата од градинката “Јасна Ристеска”.
– Ова е уште една можност да се солидаризираме, да ги изразиме нашите традиционални етички и хумани вредности кои заедницата во Охрид ги имала отсекогаш и да им се помогне на оние на кои им е најпотребно, рече градоначалникот Никола Бакрачески.
Велигденскиот саем ќе се одржува и во текот на утрешниот ден. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес