април 13, 2017

Охрид, 13. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во туристичко – угостителската сфера секогаш треба да се става посебен акцент врз изведувањето на праксата за студентите, потврдува м-р Климент Наумов, соработник на Факултетот за туризам и угостителство Охрид.

Деновиве на факултетот се вршеше распоредување на студентите од сите години за посета на практична работа во текот на летните месеци. Праксата ќе се изведува во неколку смени во јули, август и почетокот на септември, односно сé до почетокот на новата академска година.

– Праксата е неизбежен дел од секој факултет. Праксата која ќе ја стекнат студентите во текот на студирањето, по дипломирањето ќе им овозможи да бидат подобро запознаени со проблематиката од туристичката сфера, со самата дејност која ќе ја работат и со мала дообука ќе можат без проблем да влезат на пазарот на трудот, вели Наумов.

Како што додава Наумов, исполнувањето на оваа обврска кај студентите, покрај останатите позитивни страни, за младите претставува и предизвик за понатамошен нивен развој како квалитетни кадри, кои можат да придонесат во развојот на туризмот. Во однос на ажурноста на студентите, од факултетот потенцираат дека степенот на тежината на практичната работа, оди паралелно со годината на факултетско образование.

ftuohrid

– Студентите од прва година вообичаено се малку понеискусни, па затоа за нив практичната работа е претежно во кујна, помошници на келнери и послужувачи. Потоа, студентите од втора година, се праќаат на пракса веќе на рецепција по хотелските капацитети, додека во трета година, обавуваат пракса во областа на менаџментот, како туристички агенции и слично, додава Наумов.

Секој студент различно и индивидуално пристапува на вршењето на практичната работа, а како што напоменуваат од факултетот, секогаш со внимание ги следат студентите. Се обидуваат да ги ублажат несаканите евентуални појави, како одбегнување на вршење на праксата, или, пак им излегуваат во пресрет на студентите, да обавуваат практична работа во летните месеци во хотели, кои се во нивниот град, или во близина на местото на живеење. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука