Охрид, 16. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Oткако во четвртокот се емитуваше премиерно на програмата на Регионалната О2 телевизија, од денес на YouTube е достапна снимката од финалето на Ohrid SUPERSTAR, со што се става точка на првото вакво Талент шоу во регионот.
Во неделата се одржа и финалето во Домот на културата „Григор Прличев“ во Охрид, каде учеството го обезбедија седум најдобри кандидати од полуфиналето: Ирма Гогова, која беше избрана за првиот Ohrid SUPERSTAR, Емилија Петровска, Андреа Јованоска, Ивана Коскоска и Билјана Буџакоска, како избор на жири комисијата и танцовата група „The Passengers“ и Светлана Вељаноска како избор на публиката.
Ирма Гогова е првиот Ohrid SUPERSTAR
Ирма ја доби главната награда од 2.000 евра, како и учество на фестивалот „Езерски бисери“, меѓународен фестивал со можност за настап на „Славјански базар“. Втората награда, односно наградата која ја додели публиката во салата замина во рацете на танцовата група „The Passengers“, кои се откажаа од наградата и истакнаа дека сакале само да се промовираат и да се подготват за нивниот голем настап кој следува во Барселона. Токму затоа, наградата замина во рацете на второпласираниот според гласовите на публиката, Билјана Буџакоска, која ќе добие песна и спот од членот на Жири комисијата Даниел Јовески. Третата награда, односно старт на радио проект на Супер радио замина во рацете на Стент Ап комичарот Илија Богданоски, а наградата за Тв проект на Регионалната О2 телевизија ја доби Ангела Маркоска. Организаторите обезбедија богати награди за сите учесници во финалето, а награди, по сопствен избор на членовите на жири комисијата, доделија и Даниел Јовески, Јовица Каралиевски и Димче Китрозовски, како и менторот Зоран Кречо. На фестивалот „Езерски бисери“ ќе настапат Ирма Гогова, Ивана Коскоска и Светлана Вељаноска, а на годинешното издание на реномираниот „Охрид фест“ директно, како претставници на Ohrid SUPERSTAR.
Жанко ЗШ Голабоски и Саше Брачко Робески како Waldorf и Statler
Корисни насоки и совети на младите музичари, глумци и стенп ап комичари им даваа Даниел Јовески, Јовица Каралиевски, Димче Китрозовски и Дамјан Пејчиноски како членови на жири Комисијата и Зоран Кречо и Анита Мицова како ментори.
Жири комисијата на ниво на задачата – Каралиевски, Китрозоски, Јовески и Пејчиноски
Во организација на Супер радио и поддршка од охридските „Тамаро“ маркети изминативе 2,5 месеци, талентите од Охрид и Струга имаа можност да бидат дел од првото вакво шоу во регионот.
Водителите Александра и Даниел дадоа свој белег на Ohrid SUPERSTAR
– Оставаме зад нас повеќе од два месеци во кои се потрудивме да избегаме од стандардите кои се поставени од сличните Талент шоу програми. Ова беше исклучително важно и големо искуство за нас. Самиот факт што се работи за локално шоу во релативно мали градови како Охрид и Струга си има свои специфики, но сепак останавме доследни и не дозволивме квалитетот да биде доведен во прашање во ниту еден момент. За тоа секако испраќаме огромна благодарност до компаниите кои ја препознаа визијата на проектот и веруваа во нас „на збор“ дека ќе го направиме така како што ветивме, а тоа се „ПН Метал“, „Жито Леб“ и „Винчини“. Тука се секако нашите медиумски партнери, Регионалната О2 телевизија, кои се покажаа како врвни професионалци, Орце и „Астра дизајн“ за принтаните материјали и сценографијата и секако медиумската поддршка од Ohrid1, OhridNet, OhridPres, WebOhrid, Ohrid24, StrugaOnline, Inpress, како и струшкото Плеј радио. Во пресрет на 25-тиот роденден, Ohrid SUPERSTAR, како дел од другите проекти со кои ќе го одбележиме овој значаен за нас роденден, беше достоен старт за другите проекти со кои ќе го прославиме. Тука се секако „Досие Охрид“ и „Охрид во 10“ кои се работат паралелно со сите останати тековни активности на водечката локална радио станица во државата. Она што можеме да го кажеме сега, откако слегнаа и страстите и импресиите, е дека имаме одличен проект, кој ги надмина и нашите очекувања. За останатите делови од нашата роденденска прослава која ќе трае цела година наскоро повеќе, а се надеваме и дека Ohrid SUPERSTAR нема да застане тука на првото издание, порачуваат од Супер радио и додаваат дека целото шоу е посветено на нивните големи пријатели кои за жал не се повеќе со нас – Дџ Пантер и Дџ Бруце. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес