април 18, 2017

Охрид, 18. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Продолжува растот на бројот на патници на македонските аеродроми. Последните податоци ТАВ покажуваат дека во првиот квартал годинава низ двата македонски аеродроми „Александар Велики“ во Скопје и „Свети Апостол Павле“ во Охрид поминале 369.177 патници, што претставува зголемување за 7% споредено со истиот период лани. Само март регистрирани се вкупно 130.997 патници што е зголемување од 5% на месечно ниво.

Според министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски во изминатите години постојано се зголемува бројот на патници и на дестинации на аеродромите како резултат пред се на владините политики за субвенционирање на летови. Сега македонските граѓани може да летаат до 39 дестинации во Европа и светот.

Евтините летови, новите дестинации, достапноста на европските метрополи и подобрената инфраструктура значително го зголемија интересот за летање, со што скопскиот аеродром постепено се претвора во регионален центар. Минатата година услугите на македонските аеродроми ги користеле 1,8 милиони патници, што е зголемување за 15% на годишно ниво, а зголемување за 8,9 проценти имаше и кај бројот на летови. Очекувањата за оваа година се дека бројката на патници ќе надмине над 2 милиони.

Граѓаните веќе од почетокот на овој месец можат да летаат од Скопје до Будимпешта со Визер, а летово се очекува да биде воспоставена и авиолинија од Скопје до Катар со Катар ервејс. Веќе од октомври на македонскиот пазар влегува авиокомпанијата „Еуровингс“, дел од моќната групација „Луфтханза“ која ќе лета од Скопје до Минхен.

Во летната сезона ќе почнат да се реализираат и летовите од Охрид кон Варшава и Котовице, што ќе значи и зголемување на бројот на посетители во нашиот најголем туристички центар. Претходно, на македонскиот пазар влезе и најголемиот европски тур-оператор Томас Кук. Македонските власти разговараат за воведување директни летови кон САД и Канада. (Крај)

извор: tvnova.mk фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука