Охрид, 20. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – За себе вели дека е амбициозна девојка, годинава полуматурантка во ОУ „Живко Чинго“ во Велгошти. За пријавувањето на Ohrid SUPERSTAR ја охрабрила една од наставничките во училиштето и презадоволна е од наградата која ја доби – песна и спот потпишани од Даниел Јовески, награда која тајно во себе ја посакувала. Неколку збора со Билјана Буџакоска, учесник на талент шоуто Ohrid SUPERSTAR.Супер радио:
Имаш само 15 години, а според она што го покажа на сцената, станува збор за голем талент. Да откриеме која е Билјана Буџакоска за сите кои не ја познаваат?
Билјана Буџакоска: Учам во ОУ „Живко Чинго“ во Велгошти, оваа година сум полуматурантка, а исто така и посветена на учењето. Па, Билјана е девојка која многу ја сака музиката уште од мала, девојка која по природа е весела, скромна и амбициозна личност, но и голем оптимист. Девојка која сака нови познанства и пријателства и секогаш е расположена на тоа поле. Исто така Билјана е личност која прифаќа секакви задачи, предизвици, како и ризици, така што е личност која што сака постојано да е зафатена, па макар тоа да е и некаков хаос од обврски. Велат дека каде и да одам ширам позитивна енергија.
Супер радио: Каде се` имаш настапувано пред Ohrid SUPERSTAR? Имаш ли некое хоби и со што се` го исполнуваш слободното време?
Билјана Буџакоска: Пред Ohrid SUPERSTAR имам настапувано на патронати и други приредби, како и концерти, односно секаде каде што сум била поканета. Мојот прв настап беше кога имав 12 години, кога имав можност да го искажам својот талент. По некое време започнав да го образувам својот глас и да го развивам талентот кој што го имам. Некои велат дека не сум свесна што поседувам и морам да продолжам да работам на тоа, но убедена сум дека повеќето од пеачите и другите таленти се во иста или слична ситуација на мојата. Што се однесува на хоби и моето слободно време, да, ќе кажам дека имам хоби, односно сум играорка веќе 9 години (посветена играорка), при што имав многу прилики во кои стекнав голем број искуства и познанства. Моето слободно време сакам да го користам со пријателите, а се разбира тука е и семејството. Јас сум личност која е секогаш расположена за шетање и дружење, така што често одам на било какви прошетки во слободно време, едноставно тоа ме исполнува како личност.
Супер радио: Кои се музичките идоли на Билјана. Со чија музика заспива навечер и каде се` слушаш музика?
Билјана Буџакоска: Не можам да кажам дека имам некои посебни идоли, затоа што секој пејач има нешто посебно по кое што е препознатлив. Ете токму поради тоа слушам се` што ќе ми се допадне, кој и да е изведувачот. А доколку и песната навлезе длабоко во мене можам многу лесно да ја научам и да ја пеам со денови истата.
Супер радио: Талент шоуто Ohrid SUPERSTAR беше замислено да биде одскочна даска за младите од Охрид и Струга и нивна можност да биде виден нивниот талент. Дали долго размислуваше дали да се пријавиш и што беше пресудно за да го направиш истото – наградите или?
Билјана Буџакоска: За пријавувањето на Ohrid SUPERSTAR не размислував долго. Една од наставничките во училиште ми ја даде таа идеја (многу сум и’ благодарна за тоа). Па така си реков, ајде да си ја пробам среќата, па што биде нека биде. Наградите не играа никаква улога во врска со моето пријавување, како што кажав, тоа го направив за да си ја пробам среќата, а секако и за дружење и едно ново искуство. Јас бев задоволна и со тоа што стигнав до полуфинале, бидејќи и тоа беше голем успех за мене.
Супер радио: Имавме 2,5 месеци дружба со останатите кандидати, организаторите, но и жири комисијата. Што ти остави најголем впечаток од целото шоу? Имаш ли забелешки на истото од било која форма?
Билјана Буџакоска: Најголем впечаток од целиот проект ми остави пред се добрата организација. Во овие 2,5 месеци имав можност да стекнам многу нови пријателства. Најмногу се дружев со Ирма и Викторија која беше со нас до полуфиналето. Исто така впечаток ми оставија и сите членови на стручното жири, кои што неуморно и напорно работеа подеднакво со секој од нас. Посебно сум му благодарна на Даниел Јовески кој ми беше ментор уште на првата аудиција, а потоа и за финалето. Со него работевме доста напорно, и секако добив многу совети кои ми користеа за финалниот настап и ќе ми користат понатака во музиката. Посебно сум благодарна и на Димче Китрозоски кој ми беше ментор за полуфиналето и ми даде одлични насоки во однос на некои финеси кои треба да се користат за време на пеење, секако тука е и Јовица Каралиевски кој исто така ми даваше совети, но и многу помогна за изборот на песни. Посебно сум му благодарна за песната од Celine Dion „My heart will go on“, бидејќи особено сум задоволна од настапот со таа песна. Секако дека во оваа прилика сакам да му се заблагодарам и на Дамјан Пејчиноски кој ми укажа на некои недостатоци кои ги имав во текот на моите настапи, а јас ги прифатив како совети и насоки за во иднина.Тоа се недостатоци на кои обрнав и ќе обрнувам повеќе внимание во иднина и ќе се обидам да ги поправам.
Супер радио: Гледачите во салата и оние зад малите екрани видоа само мал дел од шоуто. Сигурно беше многу интересно и зад сцената. Има ли нешто што ти остави силен впечаток, можеби некој настан, анегдота?
Билјана Буџакоска: Секако дека имаше многу интересни случки зад сцената. Најсилен впечаток ми остави тоа што СИТЕ, вклучувајќи ги и жирито и Даниел и Александра бевме како едно семејство, сите имавме одлични меѓусебни односи и интересни случки посебно на пробата кога ги биравме песните за финалето, кога останавме до доцна вечерта. Но секако и дека имаше и други случки со кандидатите кои беа дел од нас до полуфиналето.
Супер радио: Ти ја доби втората по важност награда на Ohrid SUPERSTAR, односно песна и спот потпишани од страна на членот на жирито Даниел Јовески. Дали си задоволна од наградата и каква песна би сакала „да ти зготви“ Даниел – брза, спора… или ја оставаш одлуката на него, според твоите гласовни можности?
Билјана Буџакоска: Да, презадоволна сум од наградата која ја добив – песна и спот потпишани од Даниел Јовески. Искрено оваа награда и некако тајно во себе ја посакував (секако задоволна ќе бев и ако не беше таа, но кога го слушнав моето име, задоволството беше посебно и уште поголемо). Одлуката во врска со тоа каква ќе биде песната ја препуштам на Даниел, бидејќи мислам дека знае што ми лежи најдобро и мислам дека ќе направи нешто навистина необично, одлично или како што би кажал тој „нешто големо“, нешто што добро ќе ми легне и ќе ме опише како личност, а секако и ќе го дадам максимумот од себе.
За себе вели дека е „посветена играорка“ – Билјана Буџакоска
Супер радио:
Медиумската експонираност сега ќе биде далеку поголема. Дали си подготвена за она што претстои. Дали, покрај образованието, музиката останува голем дел од животот на Билјана?
Билјана Буџакоска: Па, да подготвена сум за медиумската екпонираност, свесна сум дека таа ќе биде сега доста поголема, а уште сега и можам да го забележам тоа. Што се однесува на музиката. Моето образование ќе биде во насока на музиката, така што музиката ќе биде навистина голем дел од мојот живот, односно сакам тоа да ми биде мојата идна професија.
Супер радио: За крај, каде се гледа Билјана после 5 години?
Билјана Буџакоска: После 5 години се гледам и би требало да се гледам во прва година на факултетот за музичка уметност, секако дека и по неговото завршување ќе продолжам да се занимавам со музика на било каков начин и мислам дека ќе бидам успешна на тоа поле. (Амбициозно нели?). (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес