април 20, 2017

Охрид, 20. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со настапите на Ричи Хотин на 28 јули и на Свен Ват на 29 јули несомнено е дека пред нас е досега најмоќното издание на најголемиот фестивал на електронската музика кај нас – „Грин бич фестивал“.

Ричи Хотин доаѓа во Македонија, поточно ќе настапи во Охрид на вториот фестивалски ден во рамките на „Грин бич фестивалот“ во организација на „Пасворд продукција“.

– Уште еден мега-хедлајнер со кој е загарантирано дека ова лето на плажата „Парк“ во Охрид нѐ очекува најмоќното издание на фестивалот, покрај веќе најавениот настап на ненадминливиот маг на електронската музика – Свен Ват. Ричи Хотин е клучната личност на модерната електронска музика, истакнат иноватор и креатор на една од најзначајните техноетикети MINUS, но и култната PLUS 8“, соопштуваат организаторите.

Британец по потекло, а израснат во Канада, Ричи Хотин важи за артист кој е секогаш во првите редови кога е во прашање инвентивната технологија во процесот на создавање музика. И тоа не случајно, бидејќи уште од детска возраст неговиот татко, кој е инженер за роботика, го охрабрува интересот на Ричи Хотин во музиката и технологијата.

Влезниците за фестивалот ќе бидат достапни во продажба од утре (петок, 21 април) и тоа по првите цени од 650 денари за еднодневните билети и 1.200 денари за дводневните (фестивалски) влезници.

Станува збор за најповолната понуда на билетите со 40 отсто попуст во однос на нивната финална цена, кои ќе се продаваат само во ограничен број преку продажната мрежа на МКтикетс. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука