Охрид, 21. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Како дел од активностите за прослава на 18-тиот роденден, најстарото интернет кафе во државата, охридското INSIDE, издаде брошура за заштита на младите на интернет.
– Како компанија која работи со младите и се грижи за нив, издадовме една мала брошура со насоки за заштита на младите при користење на интернет наречена „Сурфај безбедно“. Интернетот е место кое нуди безброј информации, знаења и забавни содржини, како за децата и тинејџерите, така и за возрасните. Секој може да најде интересни и корисни содржини од многу сфери кои може да ги вгради во својот образовен процес, да надополни празнини во своето знаење од некоја област или едноставно да се информира за некоја тема. Сепак, бројни потенцијални опасности и ризици за приватност и безбедност на неговите корисници реално постојат, особено за приватноста и безбедноста на децата и тинејџерите и нивните семејства. Децата се особено подложни поради нивната детска отвореност, наивност и неискуство, но и возрасните бидејќи за голем дел од нив интернетот претставува сосема нов и непознат медиум. Затоа, познавање на некои основни правила за внимателно однесување на интернет секому можат да бидат од корист и да му помогнат да се заштити себеси, но и своите најблиски, велат од Inside.
Утре во INSIDE ќе се организира супер акција во чест на 18-тиот роденден на најстарото Интернет кафе во државата INSIDE и 10 години INSIDE Auto.
– На сите наши почитувани користници и купувачи им подаруваме бесплатен интернет и разговори за странство, утре во периодот од 09:00 до 17:00 часот, порачуваат од INSIDE, од каде додаваат дека нивни посебни гости ќе бидат и ученици од охридските училишта, кои ќе добијат брошури за безбедно сурфање и користење на интернет.
Денес, во периодот од 10:00 до 16:00 часот сите слушатели на Супер радио ќе имаат можност да добијат вредни награди од INSIDE. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива