април 21, 2017

Охрид, 21. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот градски мешан хор Vox Lychnidos ќе патува на Меѓународен фестивал во Маниса, Турција.

Од 27 до 30 април ќе земат учество на Интернационалниот фестивал “Manisa Mesir macunu”.
Интересно е тоа што годинешното е 477 издание на овој фестивал, кој всушност е посветен на тамошниот специјалитет од зачини и билки – маџун. Од 2012 година познатата Mesir паста се наоѓа на листата заштитено културно богатство на УНЕСКО.

Гостувањето на нашиот хор е на покана на меѓународниот организационен одбор на фестивалот.
Ќе земат учество ансамбли и музички групи од повеќе балкански земји, потоа Литванија, Молдавија, Северен Кипар, а ќе има учесници и од Индија.

Со овој фестивал, кој се одржува во престолнината на султаните, всушност се слави пролетта. Во својата долга историја, фестивалот се одржувал во месец март, а последниве неколку години е префрлен во април.

Огромна е честа и задоволството што ќе бидеме дел од една ваква манифестација со огромна традиција. Тоа е уште една потврда за нашата работа и вложен труд во негувањето на хорската музика, истакна диригентот Бурим Хидри.

– Со оглед на тоа што се работи за фолклорен фестивал, подготвивме специјална етно програма со која ќе се претставиме. Карактеристично е тоа што сите песни потекнуваат од регионот на поранешна Румелија. На нашиот репертоар ќе бидат четири македонски хорски композиции со етно елементи. Имаме и четири турски народни песни со прилагоден аранжман и инструментална придружба, како и две албански песни. Секако на нашата програма имаме и наши, македонски песни, вкупно пет композиции, потенцира Хидри.

hor1 gotova

Според зборовите на диригентот, Балканот е богат со ритми, па така ја конципирале и нивната програма, песните се во ритам 7/8, 5/8, има двојки,четворки, деветки.

По враќањето од Турција, хористите ќе се подготвуваат за нови настапи и гостувања, во земјава, но и надвор од неа. Она што е веќе закажано е фестивалот Тетовски хорски одзиви, во месец јуни.

Охридскиот хор Vox Lychnidos настапувајќи на сите позначајни свечености во градот, дава голем придонес за нивното реализирање и се наметна како значаен субјект од областа на културата во Охрид.

Низ годините хорот се развиваше и оствари бројни настапи во земјата и надвор од неа. Тој е своевиден културен амбасадор на градот Охрид и Република Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес   фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука