Охрид/Белград, 22. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Балканската елита на научници на мултикултурализмот во Белград ги пренесе ставовите околу истражувањата на оштествените феномени, мултикултурализмот – нивните причини и последици.
Беше договорено формирање на Мрежа за истражувања на прашањата на етницитетите на Балканот.
– Воспоставувањето на мрежата на научно-истражувачките институции (универзитети, факултети, институти, проекти), во областа на општествените науки, ќе придонесат да се промени проблемот во врска со соработката, да се надмине и да се направи темелна основа за спроведување на сложените истражувања, да се поттикне размената на знаењата, да се посвети вниманието спрема развојот на кадрите со сензибилитет и знаења што се однесуваат на специфичностите на регионот – нагласува еден од иницијаторите, професор д-р Рубин Земон од Институтот за општествени и хуманистички истражувања при Универзитетот „Евро-Балкан“ од Скопје.
Задача на Мрежата ќе биде воспоставување на инфраструктура и кадри кои ќе предлагаат, осмислуваат и реализираат проекти во врска со економските, политичките, општествените, правните, демографските и другите прашања од значење за стабилноста, сигурноста и развојот на регионот и поедините негови делови.
Охриѓанецот, Д-р Земон, смета дека раскинатите научни врски помеѓу универзитетските и научните центри во регионот, особено на просторот на поранешната Југославија, се обновуваат со големи напори. Од друга страна, расте потребата за согледување на состојбата во регионот исклучиво врз фактите, научно верификуваните податоци и промислените знаења, што е насушна потреба како за поттикнување на научната мисла, така и за воспоставувањето на регионалната соработка и стабилност. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива