април 23, 2017

Охрид, 23. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Годинешната Недела на солидарност, која се одвива под мотото „Вашиот прилог – значајна помош“, во организација на Црвен крст Охрид завршува денес.

Изминатава недела се одвиваше хуманитарна собирна акција. Граѓаните имаат можност уште денес да придонесат со нивните донации за сограѓаните на кои им е потребна помош.

Акцијата е со цел подигање на нивото на свест на населението за потребната помош и поддршка на ранливото население, за обезбедување на помош во храна, облека, обувки, средства за хигиена, постелнина, детски играчки и парични средства, која ќе биде наменета за социјално загрозените лица, старите лица и лицата со посебни способности од Охрид и Дебарца.

Граѓаните можат да донираат материјални добра во просториите на Црвен крст Охрид на ул. „Димитар Влахов” 52, до 15 ч., како и на собирните пунктови за прехранбени производи во маркетите во Охрид. Исто така се собираат доброволни прилози на мобилните тимови на Црвен крст Охрид составени од волонтери, обележени со обележја на Црвен крст Охрид, кои ќе бидат на повеќе јавни пунктови низ градот.

Се собираат парични средства, каде волонтери, обележени со обележја на Црвен крст Охрид, ја реализираат акцијата – „Од куќа до куќа“. Парични средства можат да се донираат и на жиро сметката на Црвен крст со назнака за „Недела на солидарност”. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука