април 24, 2017

Скопје/Охрид, 24. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – По масовниот одзив во Скопје за собирање на потребните 10.000 потписи за промени во законите за лицата со посебни потреби, акциите продолжуваат и во останатите градови.

Од утре во градовите низ државата ќе продолжи акцијата на родителите на деца со посебни потреби, кои се обидуваат да соберат 10.000 потписи потребни за да се сменат закони и правилници кои ќе обезбедат подобри услови за овие лица и за нивните семејства. Ќе можат да се потпишуваат и граѓаните на Прилеп, Охрид, Струмица, Гевгелија, Валандово, Тетово, Гостивар, Велес, Кавадарци, Неготино. Книгите ќе бидат достапни на пултови во центарот на секој град. Потписи ќе се собираат и во Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби во Скопје.

Барањата се однесуваат на измени што се неопходно потребни да се направат во наредните 6 месеци и измени за во наредните 3 години. Како измени неопходни во наредните шест месеци се наведени: за 20 отсто да се зголеми сумата за посебниот додаток за нега на лице со посебни потреби. Лицата со посебни потреби кои се постари од 26 години да се издвојат од возрасните кои примаат туѓа нега. Додатокот за мобилност да не биде ограничен со навршување на возраста од 26 години – овој надомест да зависи од здравствената состојба, а не од возраста. Родител на лице со посебни потреби, кој работи скратено време, прима плата од 4.800 денари. Се бара тоа да се промени во право на надомест на плата на родител на лице со посебни потреби и сумата да не биде помала од половина од просечната плата исплатена во последните шест месеци. Да се коригира Правилникот за ортопедски помагала и тие да се доделуваат во моментот кога ќе бидат потребни, а не да бидат ограничени временски. (Крај)

извор: Телеграф фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука