Охрид, 25. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Просторот на Студенчишкото блато повторно станува строго заштитена зона.
Ова беше соопштено на повторената стручна расправа околу измените и дополнувањата на Генералниот урбанистички план за град Охрид. Изработувач на измените е планерска фирма „Полог проект“ од Гостивар. Целата постапката е водена согласно законската регулатива, рече Валентина Попоска од „Полог проект“.
– За урбаниот блок 17.1 имаме одредени стручни мислења во неколку наврати од Министерството за екологија, со кои се бараше просторот на Студенчишкото блато да остане строго заштитена зона, се додека не се изготви соодветна студија која ќе каже за какво заштитено подрачје станува збор со какви карактеристики. Значи овде во целост се вратени намените кои беа претходно предвидени со ГУП за Охрид од 2006 година, истакна Попоска.
Сите оние кои имаат одредени забелешки, мислења или сугестии во однос на измените, може да се обратат во писмена форма до Секторот за урбанизам најдоцна до 10-ти мај. Според раководителот на Секторот за урбанизам, Бранко Арнаудов, на овој начин се заштитува просторот на Студенчишкото блато да нема никакви интервенции.
– Со оглед на тоа што од страна на Министерството за животна средина имаше негативно мислење по однос на предложените измени на ГУП, беше побарано да се прецизира колкав простор зафаќа ова блато за да се утврдат зоните на заштита. Во 2012 година на барање на општина Охрид изработена е студија за блатото, за која владата донесе одлука истата да се ревидира за да се дефинира блатниот систем, а на останатиот простор да се предвидат соодветни содржини коишто нема да влијаат на блатото и еко системот на Охридското Езеро, истакна Арнаудов.
Според експертот проф. д-р Трајче Талески, активист на неформалното движење „Охрид SOS“, со ова на некој начин е одложена средбата помеѓу граѓанските здруженија, кои се борат за зачувување на охридското блато како единствено блато на крајбрежјето и оној дел од интересентите кои сакаат овој дел од еко системот да го употребат за други намени, односно да го урбанизираат.
– Сега треба да се изврши одредена ревизија на студијата која што беше работена по нарачка на Локалната самоуправа во 2010 година, а беше усвоена од Советот во 2012 година, дека целата површина од 70-на хектари останува како блатна површина, рече Талески.
Супер радио и OhridPress уште на крајот на месец март објавија дека во новиот ГУП за регионот на Охрид, Студенчишкото блато останува во сегашната форма и на него нема да се гради најавената туристичка развојна зона со марина и други содржини. Во одбрана на Студенчишкото блато изминатиот период застанаа бројни невладини организации, еколошки здруженија, но и експерти кои тврдат дека блатото постои и дека тоа ги претставува белите добови на Охридското Езеро. Според низа научни работници, Охридското Езеро се смета за најзначаен воден екосистем од биолошки аспект во светот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес