Охрид, 27. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Општинската организација на Сојузот на борци од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи во општините Охрид и Дебрца, по повод 73 годишнината од битката кај Српница , утре ќе организира пригодна програма.
Од 10:00 часот ќе има полагање на цвежо цвеќе на споменикот на паднатите борци од НОБ во селото Лешани, додека од 10:30 часот ќе се полага цвеќе пред споменикот на паднатите борци од НОБ во Српница.
За значењето на овој настан пригодно обраќање ќе има Гоце Георгиески – претседател на ОО на СБ за Охрид и Дебрца.
– Со намера да ги ослободат комуникациите за врска со армиската Е група германските и бугарските окупаторски војски заедно со балистичките формации против единиците на НОВ И ПОМ ја презедоа Пролетната офанзива што траеше од 24 април до 19 јуни 1944 година. Во рамките на ова офанзива при крајот на Април Првата-Македонско-Косовска-Ударна бригада го отпочнала походот од Егејска Македонија кон Дебрца за да ја поврати слободната територија Дебрца и го ослободи сопствениот народ од невидениот терор. Се до 8 мај Бригадата водела офанзивни борби, посебно кај селата Завој, Велмеј, Лешани , Брежани – во месноста Српница, Слатино, Оздолени, Цер, Арбиново, Лактиње и други, вели Георгиески.
Во борбата на бригадата при пробивот на бугарскиот непријателски обрач на 29 април 1944 година во месноста Српница животите ги положија 13 борци, кои со своите млади животи и пролеана крв се втемелија во создавањето на првата слободна македонска држава. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива