Охрид, 27. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Лоцирана на крстопат меѓу Истокот и Западот, Македонија е мала земја, како ковчеже со скапоцености, полно со историски и природни чуда, пишува „Нешнал Географик- Бугарија“.
Во статијата наброени се убавините на Македонија, а издвоени се врвот Љуботен на Шар Планина, главниот град Скопје со планината Водно, тврдината која датира од шестиот век пред Христа, централниот плоштад, Камениот мост, Старата скопска чаршија, локалитетот Козјак и убавините на Матка. Потоа се издвојува националниот парк Маврово, Крушево и други градови и места.
Во делот за Охрид се препорачува: „Претопете се во историјата на Охрид“.
– Регионот има средоземноморски вкус. Езерото, кое е едно од најстарите во светот, е опкружено со ридови на градот Охрид, кадешто живеат околу 56. 000 луѓе. Градот Охрид е едно од најстарите населени места во Европа и заедно со целиот регион е вклучен во Листата на УНЕСКО. Во градот има десетици историски цркви и манастири, се вели во статијата.
Понатаму се вели: Македонија е веројатно една од најинтересните, но најмалку рекламираните земји во светот. Во неа има мешавина од персиско, грчко, римско, отоманско, српско и советско влијание. Покрај заоблените куполи на христијанските цркви се издигаат и минарињата на џамиите, високите планини се издигаат над задскриените села и блескавите езера. (Крај)
извор: Макфакс фото: архива